Алу парата со компир и младо кромитче

Состојки:
300 гр. брашно
350 гр. компири
6-7 млади кромитчиња (само зелениот дел)
4 лажици масло за јадење

150 мл. вода
3 лажици ситно сечкан магдонос
сол
бибер

Начин на подготовка
Во тенџере со ладна вода ставете ги компирите да се варат додека не омекнат. Во меѓувреме замесете го тестото. Во длабок сад ставете го брашното заедно со една лажичка сол и промешајте. Направете вдлабнатина во средината и додадете 1 лажица масло за јадење и 150 мл. вода. Мешајте со вилушка додека брашното ја впие целата течност.

Потоа продолжете да месите со раце за да оформите тесто. Доколку тестото е многу суво додадете уште 1 – 2 лажици вода. Префрлете го тестото на набрашнета површина на работната маса и продолжете со месење додека тестото стане меко и мазно. Готовото тесто обложете го со најлонска фолија и оставете го да одмори 20 – 30 минути. Сварените и изладени компири излупете ги и изгмечете ги со вилушка на мали парчиња.

Во тава на оган ставете малку масло да се загрее и на него кратко пропржете ситно исечкани перциња од младо кромитче колку малку да омекнат. Потоа додадете ги во пасираниот компир заедно со магдоносот, посолете и побиберете и по вкус додадете прстофат зачин гарам масала. Нежно промешајте. Тестото поделете го на 4 еднакви делови и оформете ги во топчиња. Покријте ги со платнена салфета за да не се сушат. На набрашнета површина расукајте едно топче во кора со дијаметар од 20 цм.

На едната половина од кората распоредете ¼ од филот со компири. Премачкајте го крајот на половина од кората со вода и преклопете го тестото. Притиснете ги краевите за убаво да се залепат. Повторете ја постапката со преостанатите топчиња тесто. Печете ги полнетите лепчиња на загреана тава со малку масло на средна температура повремено притискајќи ги со шпатула на краевите за да се испечат рамномерно. Послужете ги со сос по вкус.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *