Беседа на свети Јован Златоуст за тоа колку е погубно пијанството

Сите знаат колку е бедна положбата на пијаниците во материјална смисла, но не секој знае дека нивната положба е неспоредливо помизерна и пострашна во морална смисла. А ова последното мора да го знаат, ако не сите, барем самите пијаници, бидејќи тоа сознание ќе им открие колку длабоко злото ги повредува со пијанството и како со тоа си ја уништуваат душата. Затоа имаме намера денеска да им ја принесеме беседата на свети Јован Златоуст. Можеби таа ќе ги вразуми. Дај Боже овие зборови да ги направат мудри, да ги приведат кон покајание и засекогаш да се одвратат од страшниот порок, на кој се препуштиле.
„Пијанството е страшно, – вели Вселенскиот Учител, – „и тоа е способно да го направи човекот бесчувствителен и да го уништи неговиот разум.

Разумниот човек, кој треба да има власт над сè што го опкружува, го фрла на земја, како да е мртов и го прави полош од мртвите. Имено, мртов човек не може да прави ниту добро ниту зло, а пијаницата не ни помислува на добро, туку само се стреми кон злото и ги подложува на потсмев сите – сопругата, децата и слугите. Пријателите се срамат од него, непријателите му се потсмеваат и го проколнуваат, нарекувајќи го свиња и бесловесен добиток. А може ли некој да биде покукавичен од таков човек кој се впушта во пијанство и кој секојдневно си го уништува умот со алкохол?

Затоа што пијанството го помрачува умот полошо од демонот и, заробувајќи го човекот, го лишува од секое сострадание кон него. Кога гледаме човек во бунило, ние сепак го сожалуваме и сочувствуваме со него, но кон пијаницата се однесуваме сосема спротивно: негодуваме и се лутиме, и го преколнуваме безброј пати. Зошто? Затоа што човекот во бунило не прави зло по своја волја и затоа е достоен за прошка, а пијаницата, што и да прави, не заслужува прошка затоа што доброволно паднал во зло и доброволно се предал на маките што ги носи со себе пијанството.

Тој ја губи љубовта на пријателите, честа, имотот, здравјето и така во овој живот запаѓа во голема неволја. Но, неопислива неволја го чека дури во животот на идниот век, бидејќи пијаниците нема да го наследат Царството Божјо. Погледајте сите вие што се опивате, до што се доведувате себе си со пијанството! Човекот, создаден по образ и подобие Божјо и господар на сите, пијанството го прави полош од бесловесниот добиток. Сите, како што опоменува свети Златоуст, се срамат од пијаниците, им се смеат, ги проколнуваат; никој не жали за нив; не заслужуваат прошка, ја губат љубовта од пријателите, честа, здравјето, а го губат и Царството Божјо. Има ли нешто пострашно од ова!? Овде, на земјата, срам, а во животот на идниот век, вечна мака! А што ако пијан човек ненадејно го фати неумолива смрт? Со какво лице ќе се појави на Божјиот суд? Каков одговор ќе даде? Што ќе каже за своето оправдание? Таков човек би било подобро да не се родил во светот отколку да доживеал толку страшен ден.

Освестете се значи, додека има уште време и победете ја таа погубна страст во себе, со сите сили на вашата душа. Ова несомнено е многу тешко да се постигне. Меѓутоа, не заборавајте дека благодатта Божја е посилна од најсилната волја и затоа трудете се да ја придобиете преку топла молитва и да ја задобиете како непобедлива сила против страшниот грев. Господ е милостив и доколку имате силна желба да го оставите овој страшен порок, Он ќе ја види таа желба и несомнено ќе ви пружи помош во борбата против него. Амин.

Leave a Reply

Your email address will not be published.