Визуелно ослабете неколку килограми со вистинскиот моден избор

Модата е магија, а магијата се состои од илузии. Вистинскиот моден избор може инстантно да го подобри целосниот изглед и да го сокрие вишокот килограми кој ја разнишува женската самодоверба.
Визуелно избришете ги неколкуте килограми кои ве измачуваат со помош на следниве совети:

Заљубете се во „V“ деколте. Острото деколте кое ја краде формата на обратен триаголник го издолжува торзото, притоа бришејќи килограми од вашиот изглед. Купувајте кошули, блузи и џемпери со „V“ деколте и избегнувајте облека со заоблен изрез околу вратот.
Прескокнете ги чевлите со ремче на глуждовите и ниските чизмички. Обувките тип „Мери Џејн“ и сандалите со ремче на глуждовите ги прават нозете пократки и до израз доаѓаат позаоблените „листови“ и бутови. Поради истата причина, препорачливо е да не носите чизмички кои завршуваат под или на глуждовите.

Избирајте облека со „ситен“ принт. Крупните цветови, точки или геометриски форми ја акцентираат заобленоста на фигурата. Од друга страна, ситните и „збиени“ шарки го одвлекуваат погледот од проблематичните области.
Стојте подалеку од сатенот и светкавата облека. Сатенот ќе го истакне секој недостаток на телото и ќе придонесе да изгледате поголеми отколку што навистина сте. За разлика од него, „матираните“ материјали ја апсорбираат светлината и ви подаруваат ослабнувачки ефект. Доколку сакате погламурозен изглед, најбезбедно е да го постигнете со светкави и блескави модни додатоци.
Носете долг ѓердан за да го одвлечете вниманието од подбрадокот. Ако двојната брадичка ви ја намалува самодовербата, избегнувајте ги кратките ѓердани. Тие го насочуваат вниманието директно кон вашиот подбрадок. Наместо тоа, преферирајте ги долгите ѓердани, кои освен што ќе ги тргнат погледите од вашата брада, ќе ја издолжат и вашата силуета.

Заборавете ги панталоните и фармерките кои се долги до глуждовите. За послаб изглед, панталоните и фармерките треба речиси да го допираат подот. Поткусените панталони кои завршуваат веднаш под глуждовите ги „скратуваат“ нозете и ја прават фигурата позаоблена.
Инвестирајте во високи чевли во боја на кожата. Чевлите со висока потпетица кои одговараат на вашиот тен се одличен начин за елегантно да ги издолжите и ослабите нозете. Одлични се за моментите кога носите фустан или здолниште без хулахопки или хулахопки во „месо“ боја.
Пронајдете ја вистинската долна облека. Верувале или не, над 80% од жените носат градник со погрешна големина. Една од негативните страни на претесниот градник е истиснатото сало на грбот. Истото се случува и со претесните гаќички кои можат да создадат нерамнини на колковите и да ја зголемат „гумата“ на стомакот. Вистинската долна облека може да стопи 2-3 килограми од вашиот изглед.
Избегнувајте го плисето за да го сокриете стомачето. Плисе здолништата изгледаат женствено и романтично, но не се за вас ако сакате да го прикриете подуеното стомаче. Избирајте облека без набори и превиткувања која слободно паѓа по телото.
Комбинирајте здолништа, хулахопки и обувки во иста боја. Кога долниот дел од телото ви е облечен во иста боја, фигурата ви се издолжува. Ефектот е најочигледен ако изберете црна боја.

Користете ги боите стратешки – темните за да ги прикриете недостатоците, а светлите за да ги истакнете деловите кои се ваша гордост. Сте слушнале дека за да изгледате послабо треба да носите темна облека? Не ги фрлајте веднаш светлите парчиња облека. Целта на тоа да изгледате зашеметувачки е да ги потенцирате убавите делови од вашето тело, а да ги камуфлирате проблематичните. Ако ве загрижуваат бутовите или колковите, носете панталони или здолниште во темна боја и комбинирајте ги со блуза или кошула во светла боја.
Носете колан со средна дебелина. Женствената силуета можете да ја покажете на наједноставен начин со коланче. Но, за максимален ефект избегнувајте ги претенките колани.
Претпочитајте чанти со средна големина. Премалите и преголемите чанти нема да ви направат услуга во прикривањето на килограмите. Премалите го прават видлив контрастот помеѓу нивната ситна рамка и вашата фигура, а преголемите придонесуваат за позаоблен изглед. Вашето око нека се задржува на чанти со средна големина.

Внимавајте на ракавите. Доколку не се гордеете со рацете и не сте успеале да ги тонирате надлактиците, не носете облека со тесни ракави кои завршуваат на најширокиот дел. Изберете облека со ракави кои се насобрани во областа на рамената, широки и кратки ракави кои слободно паѓаат без стеснување кај рабовите или ракави кои се долги до под лактите.
Преферирајте подолги палта или џемпери со голема јака. Палтата и џемперите со средна должина до под задникот го издолжуваат телото. Големата јака помага затоа што го привлекува погледот кон лицето и ги балансира широките колкови.
За крај, не може да не се спомене дека црната боја има најголема моќ кога станува збор за постигнување на послаб изглед, високите потпетици се најголем сојузник за повитка фигура, а правилното држење на телото е задолжително за привлечна силуета.

Leave a Reply

Your email address will not be published.