Вистинската љубов не тежи и не завршува

Бабо, ми тежи, многу ме боли, бабо!
Знам, мила, знам! Ти гледам во очи.
Ми тежи на срцето, бабо! Толку го сакам!

Сакај го, ќерко. За тоа нема лек. Љубовта тежи, кога нема кој да ја прифати. Товарот останува во тебе и треба да научиш да го носиш, без да те скрши.
Секогаш ли ќе ми биде така, бабо? Нема да можам да издржам.
Не, ќерко моја. Љубовта со време престанува да боли и тежи. Ќе се навикнеш да ја носиш во себеси и таа ќе те чува, кога загубиш нешто драго.
Но неговата љубов завршила, бабо, на него полесно ли му е?

Сега му е полесно, малечка моја, но подоцна … не знам. Не знам што му одредил Бог. А ти треба да бидеш силна и да се справиш со неговата завршена љубов. Знаеш ли како се чува завршената љубов?
Како празна чаша од убаво црвено вино. По последната голтка течат црвени капки кои се собираат во една. Сакаш да ја испиеш и неа, но таа веќе го нема истиот вкус.

Миризбата сè уште стои во чашата, а капката на дното потсетува за прекрасната течност на…одминатата љубов…Плачеш…Се потсетуваш…Се прашуваш зошто…Заспиваш…И… Утрото веќе ја нема…само црвени траги…изветреала и последната капка… Останала едноставно една празна, неизмиена чаша. Ја држиш во рака и се сеќаваш…моменти од испиената, завршена љубов…Вдишуваш … и …ја миеш. Внимаваш да не ја скршиш, ја миеш, ја полираш со крпа и капка вода да не остане.

Ги собираш спомените во неа и ја креваш високо…да не се изгуби…не сакаш да ја држиш во моментот, зошто тежи … Тешкото минува со времето и остануваат само убавите спомени. Ќе се научиш да ја земаш чашата во раце и да и се насмевнуваш. Нема да те боли и да ти тежи. Ќе се научиш да ја полниш чашата со вистинска љубов. Споделена. Таа не тежи и не завршува, ќерко моја! Ниту на тој, ниту на оној свет. А сега исплачи се и изми ја тагата. Измиј ја чашата и собери ги само убавите спомени од завршената љубов.

Leave a Reply

Your email address will not be published.