Вистинските работи во погрешно време се погрешни работи еве што вели црквата за тоа

Многу често работите кои луѓето ги сакаат, за кои мислат дека ќе ги направат среќни, очекуваат да ги добијат во истиот момент штом ќе ги посакаат. Иронија за нивната нетрпеливост е дека само со учење да се чека, се постигнуваат оние работи кои се навистина исплатливи.

Често пати кога младите влегуваат во врска веднаш сакаат да добијат сè од таа врска. Но Бог сака да ги цениме скапоцените моменти предвидени за одредено време, секој момент во свое вистинско време. Бог сака да нè научи на трпение, доверба и на чекање за совршениот тајминг во сите работи од нашиот живот, а тоа важи и за влегувањето во врска.

Средината во која живееме нè учи дека ако нешто е добро ние треба да го бараме за да уживаме во него веднаш. Затоа нашата храна ја ставаме во микробранова за што побрзо да биде готова, писмата ги заменивме со е-маил, а пакетите ги испраќаме по брза пошта. Правиме сè што можеме за да го избегнеме ограничувањето на времето преку забрзување на нашите планови, забрзување на нашето темпо и правиме сè што можеме со цел да го победиме часовникот. Каква е нашата реакција кога ќе треба за нешто да чекаме? Дали трпеливо чекаме, или тропаме со прстите и тапкаме со нозете?

Нашиот „сè направи сега“ менталитет неверојатно влијае на времето на влегување во врска. Деца влегуваат во врска, па дури и во сексуална врска, на многу млада возраст. Она што е уште потрагично е фактот дека, како што младите луѓе брзаат да влезат во овие возрасни активности, повеќето од нивните родители не прават ништо за да ги поправат. А што и би рекле возрасните кога тие исто така живеат според истиот став – „сè направи сега“.

Еве што вели Библијата за времето: „Сè има свое доба, и секоја работа под небото свое време. Време за раѓање и време за умирање; време за садење и време за корнење на посаденото. Време за убивање и време за лечење; време за разурнување и време за градење. Време за плачење и време за смеење; Време за тажење и време за играње. Време за фрлање камења и време за собирање на камења; време за прегрнување и време кога се остава прегрнувањето. Време за барање и време за губење; време за пазење и време за отфрлање. Време за кинење и време за шиење; време за молчење и време за зборување. Време за љубење и време за мразење; време за војна и време за мир.“ (Проповедник 3:1-8; Библија)

Исто како што улогата на пролетта е различна од улогата на есента, исто така секоја фаза од нашите животи има различен акцент, фокус и убавина. Една не е подобра од друга, секоја фаза дава свое уникатно богатсво. Ние не треба да го прескокнеме редоследот на работите, исто како што ни земјоделецот не може да ја прескокне пролетта и да отиде на берење на плодовите во есен. Бог има благослови за нас, но сака да ни ги даде во соодветно време. Како човечки суштества ние често пати ја правиме грешката да ги земеме работите кои се предвидени за друго време и да уживаме во нив кога ние сакаме. Таков е случајот со интимните односи пред брак. Интимните односи се искуство кое треба да го доживееме во брак, а не претходно. Тоа е исто како да обереш плод кој е зелен, пред да созрее, и со тоа се уништува убавината на плодот. Само затоа што нешто е добро тоа не значи треба да го имаме во моментот кога ќе посакаме. Никогаш не смееме да заборавиме дека добрите работи во погрешно време се погрешни работи. Втора работа што треба да ја запомниме е дека не треба да го „купуваме“ она што не можеме да си го дозволиме. Желбата да се побара партнер во време кога не си подготвен за парнер е исто како кога одиме да купиме нешто што не можеме да си дозволиме (немаме пари) да го купиме, дури и ако совршено ни одговара на вкусот.

Пред двајца луѓе да бидат подготвени за одговорноста на посветеност, тие треба да бидат задоволни со пријателството и да го почекаат времето за романса и интимност. Вежбањето на ова трпение нема да ја онеспособи врската. Во пријателството , тие можат да ги вежбаат вештините на комуникација, грижа, и споделување на нивните животи со другите луѓе. Во пријателството тие можат да ги набљудуваат карактерите на другите луѓе и да видат што тие лично очекуваат од нивниот иден партнер. Постојаниот обид да се најде совршен партнер, преку влегување од врска во врска, нè спречува да ја извршиме позначајната задача на подготвување да се биде добар сопружник. Бог секако знае што ни е потребно и некаде во овој свет има личност која совршено ни одговара, иако можеби во моментот сеуште не сме ја запознале таа личност. Она што на секој, кој се подготвува за врска која трае, му е потребно, е да созрее доволно за да биде стабилен и посветен. Затоа, да престанеме предвреме да го купуваме она што не е за нас, барем не во овој момент.

Времето на самец (сингл) е време подарено од Бога. Повеќето од нас нема да бидеме сингл цел живот и треба да го гледаме тоа како време во нашиот живот кое е подарок од Бога. Во Библијата во 1 Коринтјани 7:32 е запишано „Би сакал да бидете без грижи. Оној кој не е во брак се грижи за она што е Господово; како да Му угоди на Господа.“

Парафразирано: Времето кое оние кои се во брак го поминуваат за да угодат на сопружниците, оние кои се сингл тоа исто време можат да го поминат угодувајќи Му на Бога. Апостол Павле со ова не го обрезвреднува бракот туку сака да нè охрабри да гледаме на фактот дека, да си самец значи дека во моментот имаш подарок од Бога. Важно е да сфатиме дека тоа што сеуште сме сами не е затоа што Бог сака да нè казни, туку тој ни го дава ова време како неспоредлива можност за раст и служба која ние треба да ја прифатиме, можност која лесно можеме да ја пропуштиме доколку мислите ни се насочени кон очајување. Сето тоа подразбира чекање, иако можеби оваа идеја на чекање нема да ни се допадне, ниту да нè импресионира. Сепак, послушноста, и тоа нашата послушност, е она што го импресионира Бога.

Чекање за времето кое одговара за нас претставува доверба во Бога. Во развивањето на карактерот непходно е да се одложат задволствата во мали работи кои потоа ќе се покажат како големи успеси во други работи. Апостол Павле во Филипјаните 4:11 има запишано: „…научив да бидам задоволен со она во што сум.“ Ако се поучиме од советот на апостол Павле животот ќе ни стане многу полесен.

Ако сме незадоволни кога сме сингл, работите нема многу да се променат и кога ќе сме во брак, дури можеби ќе бидеме и понезадоволни затоа што сме навикнати да размислуваме дека некаде во иднина ќе бидеме задоволни. Сè додека го гледаме задоволството некаде во иднината тоа никогаш нема ни да дојде. Бог нè повикал да го живееме животот сега, а не по неколку години. Сè што треба да направиме е да му веруваме на Бога бидејќи Тој знае што е најдобро за нас, Тој ќе ни ја открие вистинската личност во вистински околности. Во Библијата во Еремија 29:11 е запишано „Зашто Јас ги знам Своите замисли за тоа што имам намера со вас – зборува Господ – замисли за мир, а не за несреќа: да ви дадам иднина и надеж.“

Нашата иднина е во одлични раце, сè што ни е потребно е да веруваме во Бог и во неговиот совршен тајминг.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *