Вистинското покајание ќе донесе светост

Нема повозвишено нешто од она што се нарекува покајание и исповед. Оваа тајна е дар на Божјата љубов кон човекот. На овој совршен начин човек се ослободува од злото. Одиме, се исповедаме, го чувствуваме помирувањето со Бога, радоста доаѓа во нас, чувството на вина заминува. Во православието нема ќор-сокак. Не постои, затоа што постои исповедникот кој има благодат да простува. Духовникот е голема работа!




Имав една карактеристика, што ја имам и сега. Кога ќе ми се случеше да згрешам, се исповедав и сè исчезнуваше. Летав од радост. Грешам, слаб сум: прибегнувам кон Божјата милост, спаси се, смири се, заборавај сè. Секој ден размислувам затоа дека грешам, но сакам што и да ми се случи да го претворам во молитва и да не го затворам во себе.




Гревот предизвикува голема ментална конфузија на човекот. Оваа конфузија не може да исчезне на секаков начин. Само преку Христовата светлина сè доаѓа на свое место. Христос го прави првиот чекор. „Дојдете кај Мене сите уморни и оптоварени…“ (Мт. 11, 28). После тоа, ние луѓето, ја добиваме оваа светлина преку нашата добра волја, која ја изразуваме со нашата љубов кон Него, со молитва, со учество во црковните тајни.




За душата да се покае, мора да се разбуди. Во ова будење се случува чудото на покајанието. И тука е потребна волјата на човекот. Сепак, будењето не се должи само на човекот. Човекот сам не е способен за ова. Бог интервенира. Потоа доаѓа божествената благодат. Без благодат човек не може да се покае. Божјата љубов ќе направи сè. Таа може да употреби некакви средства – некоја болест или нешто друго – за да го доведе човекот до покајание. Затоа, покајанието се постигнува преку Божјата благодат. Едноставно и лесно, ќе направиме само едно движење кон Бога и оттаму доаѓа благодатта.




Можеш да ми кажеш: „Тогаш сè е направено по благодат“. Тоа е комплицирана работа. И тука се случува токму тоа што го кажувам. Не можеме да го сакаме Бога ако Бог не нè сака нас. Св. Апостол Павле многу добро вели: „… а сега, откако Го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна…“ (Гал. 4: 9). Истото се случува и со покајанието. Не можеме да се покаеме ако Бог не ни даде покајание. И тоа важи за сѐ. Со други зборови, важи она што е напишано во Светото писмо: „… без Мене не можете ништо да направите“ (Јован 15, 5). Ако не постојат услови Христос да престојува во нас, покајанието нема да дојде. Условите се смирение, љубов, молитва, поклонување, работа за Христа. Ако чувството не е чисто, ако нема едноставност, ако во душата има користољубие, Божјата благодат нема да дојде. Затоа се случува иако исповедаме, да не чувствуваме олеснување.




Покајанието е многу специфична работа. Вистинското покајание ќе донесе светост. Покајанието нè осветува.
Старец Порфириј