„Во мир да се помолиме на Господа“

После славословието, свештеникот ја започнува прозбата, велејќи: Во мир да се помолиме на Господа
Зборовите на Светото Писмо: Бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме (Рим. 8,26) и да не празнословиме (Мт. 6,7) нè учат за тоа што треба да знаеме за молитвата, а најнапред ни го покажува начинот на молитва, односно дека треба да се молиме во мир.

Зошто веднаш после славословието нè повикува да се помолиме, а пред тоа не сме исповедани, ниту, пак, сме Му заблагодариле на Бога? Затоа што споменатиот збор мир во себе ги содржи и двете, што може да се сфати ако внимателно се набљудува. Бидејќи не може да има мир во себе оној кој не е задоволен со тоа што се случува во неговиот живот, туку само оној што е благодарен и кој, според законот на блажениот Павле, за сè благодари (1 Сол. 5,18). Ниту може да има мир кој нема чиста совест (1 Тим. 3,9), а не може да има чиста совест без исповед. Според тоа, душата на оној што се моли во мир претходно веќе се нашла во состојба на благодарност и исповед.

Освен тоа, молитвата со која верниците тука Му се молат на Бога покажува дека тие и благодарат и се исповедуваат. За што тие, всушност, се молат? Да бидат помилувани. А тоа е прозбата на осудените и немаат повеќе никакви зборови за своја одбрана, оставајќи го за крај тој извик кон Судијата, па очекуваат да бидат услишани во тоа што бараат, но не по својата праведност, туку по Неговото човекољубие. На таков начин тие ја признаваат големата добрина на Судијата, но и својата грешност; така првото станува благодарност, а второто исповед.

Од самиот почеток, значи, свештеникот го поттикнува народот на молитва, иако за молитва тој самиот е одреден, па со тоа станува предводник на народот, како негов старешина и посредник. Тој ги поттикнува на тоа – нивната молитвата да биде успешна и делотворна, како што рекол апостолот Јаков (Јак. 5,16). Прозбата на праведникот е делотворна тогаш кога и сите оние, во чие име таа се упатува, принесуваат сè што е во нивна моќ: доброта, молитва, праведност и сè што знае дека Му е угодно на Бога.

Која е првата прозба? За небесен мир и за спасение на нашите души.
Откако свештеникот прво нè поучи со какво расположение треба да се молиме, сега нè учи и што треба прво да побараме, а тоа се: небесен мир и спасение на нашите души. Всушност, Христос ни заповедал да го бараме најнапред царството Божјо и неговата правда (Мт. 6,33). Секако, дека зборовите спасение на нашите души се однесуваат на тоа Царство и дека зборовите за небесен мир се однесуваат на праведноста Божја, за која свети апостол Павле рекол: Мирот Божји, што надвишува секој ум (Филип. 4,7), а кој Господ, издигнувајќи се кон Отецот, им го оставил на своите апостоли, велејќи: Мир ви оставам, мирот Свој ви го давам (Јн. 14,27). Но како што зборот праведност таму не значи само поделба на еднакви делови, туку укажува на секој вид на добродетел воопшто, така и тука зборот мир има некакво општо значење, бидејќи мирот е плод на сите добродетели заедно и на севкупната духовна философија. Затоа невозможно е да се стекне совршен мир, ако недостасува барем една добродетел, туку оној што сака да го постигне тој мир е должен до него да стигне преку сите добродетели.

Најпрво, значи, треба да се подвизуваме, стекнувајќи мир – оној што им е достапен на луѓето – а потоа, од Бога да го бараме Неговиот мир, како што правиме со секоја друга добродетел. Бидејќи постои разборитост до која може да се дојде со подвиг, а постои разборитост што Бог ѝ ја дарува на човековата душа; тоа истото важи и за љубовта, за премудроста и за сите останати добродетели. Затоа свештеникот најнапред ни зборува за оној мир што зависи од нас, што ние сами можеме да го постигнеме и нè повикува во тој мир да ги упатиме нашите молитви кон Бога. Потоа зборува за мирот што го добиваме од Бога и нè поттикнува да Му се помолиме на Бога за него, велејќи: За небесен мир… да се помолиме на Господа. Споменувајќи го мирот, тој не го има предвид само мирот кон луѓето кога ничие зло не го паметиме, туку и мир кон самите себе – кога нас сопственото срце за ништо не нè обвинува. Голема е ползата од мирот; подобро речено, оваа добродетел секаде ни е неопходна. Бидејќи сосема е невозможно возбудениот ум да достигне до Бога и тоа најпрво поради самата природа на метежот. Како што мирот прави многумина да бидат едно, така и метежот прави еден да биде многу. Како тогаш тој може да се соедини со единствениот Бог? Покрај тоа, оној кој се моли немајќи во себе мир, тој ниту може вистински да се моли, ниту, пак, може да ужива во какво било добро од своите молитви. Оти, ако некаква лутина го вознемирува човекот или ако злопамтењето го брка мирот од неговата душа, тогаш од молитвите нема да добие ниту опростување за своите гревови, а уште помалку, пак, да стекне било каква друга благодат. Ако, пак, совеста го пече поради некои други гревови и ако неговото срце го обвинува, па на тој начин тој се вознемирува, во потполност се лишил од секаква слобода пред Бога, согласно зборовите: А кога се молиш, моли се со слобода.

Заради тоа свештеникот нè повикува да се молиме со мир и пред сè да бараме небесен мир.
После тоа, свештеникот нè повикува со добрина да упатиме прозби и за останатите и тоа не само за Црквата, за државата и за поглаварите или за оние што се наоѓаат во опасност, кои се во тешкотии, маки и несреќи, туку воопшто за сите луѓе, во севкупната вселена.
Тој вели: За мир во целиот свет. Прво, затоа што Христијаните знаат дека нивниот Господ е заеднички Господ на сите луѓе и дека се грижи за сите, како што создателот се грижи за своите созданија. Ако некој за нив се грижи, тогаш повеќе Му угодува на Бога отколку да Му принесува жртва (Мт. 9,13; 12,7; Ос. 6,6).

Така, според зборовите на блажениот Павле, ќе можеме да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и достоинство (1. Тим. 2,2).
И не се молиме само за оние добра што ѝ користат на душата, туку и за неопходните телесни добра: за благорастворен воздух, за изобилие на земни плодови; за така да видиме и согледаме дека Бог е Причина и Давател на сè, и само на Него да се потпреме, бидејќи Христос заповедал, заедно со останатите созданија, од Него да бараме и секојдневен леб.

Leave a Reply

Your email address will not be published.