Господ рекол: Со пот на лицето, ќе го јадеш лебот свој

Господ рекол: Со пот на лицето, ќе го јадеш лебот свој (Битие 3,19). Што значи тоа? Тоа дека Бог не нè создал, за да безделничиме и да денгубиме, туку сиот свој живот, додека имаме сила, да работиме за славата Божја, во полза на ближните наши и за спасение на душите наши. Како да ги сфатиме овие зборови? Како треба да се поставуваме, за нашата работа да биде во слава Божја и во полза на ближните и воедно да обезбедиме и спасение на душите наши? Ќе поразговараме за ова заради духовна поука.
Светите маченици Флор и Лавр, чиј спомен денес го празнува нашата Света Црква, за да ја исполнат заповедта Божја: Со пот на лицето, ќе го јадеш лебот свој и нивното дело да служи за слава Божја, за полза на своите ближни и за спасение на нивните души, тие постапувале на следниов начин: како искусни каменоресци, напорно работеле во текот на денот, строго внимавајќи на воздржувањето и творејќи умствена молитва; навечер, надоместокот добиен за нивниот труд им го давале на сиромашните и ги учеле неверниците на светата вера во Христа, додека ноќите ги поминувале во молитви.Преподобниот Алипиј Печерски, чиј спомен вчера го празнуваше Светата Црква, постапувал на следниов начин: како и секој иконописец, во текот на денот, може да се каже, ниту еден момент не поминувал без работа, туку или сликал икони за својот манастир, или без надоместок тоа го правел за сиромашните храмови, или ги обновувал веќе старите икони, што му ги носеле Христијаните. Сето тоа тој го правел, како што е наведено во житието, за да не го поминува времето во безделништво и подражавајќи ги древните Свети Отци, кои биле многу вредни во ракоделието, како и светиот апостол Павле, кој за себе рекол: сами знаете дека за потребите мои и на оние што беа со мене, ми послужија овие мои раце (Дела 20,34). Парите добиени за иконописот, Алипиј ги делел на три дела: едниот дел го чувал за набавка на штици и бои потребни за работата, вториот дел им го давал на сиромашните, а третиот дел го наменувал за манастирот. И така правел многу години, не давајќи си одмор, ниту дење ниту ноќе. Ноќите ги минувал во бдеење, молитви и правење метании, а преку ден „усрдно се занимавал со ракоделие“, како што се вели во житието, правејќи го тоа со сета смиреност, несебичност, чистота, трпение, пост, љубов и богомислие.
Никој никогаш не го видел да одмара, а исто така треба да се спомене дека Алипиј секогаш присуствувал на црковните служби.
За Светиот Евхарист, пак, е забележано дека имал овци и ги пасел. Од парите што ги добивал, едниот дел го користел за свои потреби, другиот го давал на сиромаси, а третиот го оставал за примање странци и така си ја спасил душата.
Значи, од овие примери, како што можете да видите, се открива дека за да се работи за слава Божја, за доброто на нашите ближни и за спасението на нашите души, не треба да обрнуваме внимание само на приликата, туку и да постапуваме како што постапувале светите трудбеници, на чии примери сега се осврнавме: да не забораваме на Бога за време на работата, што било и да правиме; во тоа време да не ја прекинуваме умствената молитва; да се држиме до смирението, несебичноста и трпеливоста и најпосле, да ги споделуваме плодовите од нашиот труд со оние на кои тоа им е потребно. Откако го решивме ова прашање, очигледно, последното прашање беше решено само по себе – што треба да се направи, за од нашата работа да протече славата Божја и полза за нашите ближни, а и ние да обезбедиме спасение на своите души. Ако сега се уверивме дека за да го постигнеме тоа, потребно е да постапуваме онака како што постапувале Светиите, тогаш ќе се угледаме на нив и во иднина.
Амин.