ДАЛИ ФОРМАЛНАТА РЕЛИГИЈА Е ДОВОЛНА

„А вечен живот е ова: да Те познаваат Тебе, Единствениот вистински Бог, и Исус Христос Кого Ти го испрати“ (Јован 17,3; Библија) Но мамо, зошто морам да одам? Не сакам да одам во црква.

Таму никогаш не сум доживеал нешто убаво. Секако, мојата мајка ја одби мојата молба и јас морав да го покорам своето неволно ЈАС на нејзината волја и секој викенд да ги посетувам црквените богослуженија. Црквата беше таков терет за мене, така што понекогаш, морам да признаам, се искрадував во задниот дел од црквата, каде се наоѓаа црквените списанија. Бидејќи ќе земев едно од нив, брзо ќе се „лизнев“ надвор во паркот каде го трошев остатокот од времето, таман толку колку што траеше богослужението.

Моите родители навистина се трудеа. Ме испраќаа во христијански училишта и ме водеа секој викенд со нив во црква. Меѓутоа, црквата беше некако премногу извештачена, премногу формалистичка, претерано досадна за да ме задржи. Морав да ја посетувам, така што од првиот ден научив да ја „играм играта“, ако можам така да се изразам. Истата игра веројатно и вие ја знаете, не затоа што сте биле членови на мојата црква и сте ме посматрале мене и моето искуство. Многуте кои исповедаат формално христијанството, ја објавуваат својата должност и се однесуваат на начин на кој се очекува од нив, покажувајќи се однадвор како добри, додека во исто време знаат дека нивното срце не е тука. Тие можеби и не се во состојба да го објаснат тоа, но таквата религија не ги исполнува нивните вистински потреби, па сепак, тие го следат утврдениот пат, затоа што така треба.

Штом се ослободив од влијанието на моите родители, веднаш престанав да одам во црква. Ги следев сопствените интереси и одев по своите патишта. Доста ми беше одењето во црква и религиозното глумење. Кога сумирав сè, за моето сфаќање, тоа не водеше никаде. Бог за мене не беше ништо вистинско во споредба со искуството на моите нерелигиозни другари. Бог не ме обвинуваше за моето размилсување. Го чекаше вистинскиот момент за да го добие моето внимание.

Имав триесет години, диплома од колеџ, пет години работно искуство во продажба на компјутерски системи и бев самостоен сопственик на агенцијата Хонбергер – успешна агенција за осигурување, пред сè за автомобили, станови, живот, вклучувајќи и здравствено осигурување.

Бев млад, агресивен и спремен да ја градам сопствената среќа, од удобниот живот во сегашноста, сè до мирната старост и пензионерските денови во иднината. Сето тоа го градев во овој свет. Имав убав дом, возев нови автомобили, имав одлични примања и работа која цветаше. Јурев по „американскиот сон“, верувајќи дека среќата доаѓа од работите кои животот го прават поинтересен, покомфорен и повозбудлив.

Соломон, најмудриот човек, кој некогаш живеел во светот, убаво го изразил ова за што зборувам: „Сè е суета“ (Проповедник 1,2). Суета продразбира празнина, привид, нешто што никогаш не можете да го фатите со рака. Јас првенствено ја гонев оваа празнина, американскиот мит, а Бог сакаше да го привлече моето внимание. Но како? Едноставно, чекаше, и кога дојде вистинскот момент, ме охрабри да му понудам животно осигурување на мојот забар. Малку знаев за драстичната промена, која ќе настапи во мојот живот после Божественотот влијание.

Мојот забар воедно беше и мој клиент. Јас ја осигурав неговата работа, домот, кај мене имаше здравствено осигурување, како и осигурување за автомобилот, па помислив: „Зошто да не му продадам и животно осигурување?“ Го закажавме состанокот со таа цел. Меѓутоа тој не покажа никаков интерес, што ме изненади, затоа што беше многу интелигентен човек.

– Поради што не сакаш да го купиш ова животно осигурување – го прашав.
– Затоа што верувам дека Бог ќе се врати пред да можам да го искористам тој вид на осигурување – гласеше неговиот одговор.
Се насмевнав! Во работата со која тогаш се занимавав можете да слушнете секакви видови на изговори, но овој ми звучеше многу смешен.
Мислев дека се шегува.
– Која е вистинската причина – го прашав, посакувајќи да ја знам вистината.
– Тоа е вистинската причина.
– Од каде ти е само таа идеја?
– Од Библијата. Зарем ти никогаш не читаш Библија, Џим?
– Библија! Ма тоа е само повторување на едно исто…. „Татко наш“ и „Аве Марија“.
– О, не, тоа воопшто не е така.

И така отпочна разговор, кој траеше уште час и половина, и тоа не за моето животно осигурување, туку за едно сосем друго животно осигурување. Моето внимание беше целосно придобиено. Кај мене беше пробудено интересирање, а и љубопитноста се разбуди. Забарот погледна на часовникот, кажувајќи:
– Џим, имам некои обврски. Зошто во среда навечер не би дошол со својата сопруга, за да го продолжиме разговорот.
– Можам ли да ти поставам секакво прашање, а да не се налутиш?
– Секако – ме уверуваше.
– Добро ми звучи – реков – ќе бидеме таму!

Во среда навечер, Пол и Етел Конер ни посакаа срдечно добредојде. После неколку моменти на задржување во нивната дневна соба, Пол предложи да се префрлиме во трепезаријата, каде ние четворијцата заземавме место околу големата маса. Си помислив во себе колку се чудни овие луѓе. Не ни понудија пиво или нешто друго за јадење и пиење, а сега кога седнавме на масата, Пол се извини што ќе отиде нешто да донесе. Помислив: „Сигурно се сетил да донесе пиво.“ Меѓутоа, не. Тој се проби до ќошето на масата и изброја: „1,2,3,4 Библии“ „О, не!“ – реков во себе, „Овој мора да е некој фанатик. Па ниту папата нема четири Библии!“

Тогаш Пол ни ги подели Библиите, кажувајќи:
– Џим, отвори ја својата Библија и пронајди го Даниел.
– Што е „Даниел“ – прашав.
– Тоа е книга од Стариот завет.
– Што е „Стар завет“?
– Ти навистина не си се шегувал кога рече дека не читаш Библија – се насмеа Пол.

Сели и јас ја напуштивме куќата во 11:30 навечер. Никогаш во својот живот немавме слушнато толку потресни вистини. Тие направија во моето срце да заѕвони ѕвоното, кое конечно во мене ќе ја разбуди желбата за Бог – желба која Тој сам ја всадил во мојата душа.

Нашите домаќини повторно нè поканија да ги посетиме следната седмица. Не можев да ја дочекам следната среда. Пол беше библиски учител. Направи за мене Библијата да стане жива стварност.

– Зошто никој во мојата црква ми нема зборувано за тие работи? – прашав.
– Не знам – продолжи едноставно Пол – ќе мораш нив да ги прашаш.

Токму тоа и одлучив да го сторам. Познавав двајца свештеника. Со едниот одев на лов, а со другиот пиев. Едниот од нив го прашав за тоа што ме загрижуваше.
– Со кој проучуваше – беше неговиот одговор во форма на прашање.
– Со д-р Конер и неговата сопруга.
– Не, Џим, не те прашав за луѓето со кои си проучувал. Мислев на нивната религија.

Кога му кажав, неговиот заклучок беше:
– Тие се фундамендалисти, Џим.
– Што значи тоа – го прашав.
– Фундамендалистите веруваат дека кога ја читаш Библијата, тоа треба буквално да го разбереш, што значи дека треба да правиш сè како што пишува таму.
Бев збунет.
– Што има лошо во тоа? И што сме ние ако не сме фундамендалисти?
-Џим, ние сме традиционалисти. Ние веруваме дека Библијата е пишувана пред многу илјади години и дека денеска мора да се толкува во склад со традицијата на црквата и со основите на денешното општество. Тоа значи дека ние не треба да живееме онака како што живееле луѓето во она варварско доба, кога е пишувана Библијата.
– Ох! Ок, тоа има смисла.
Вооружен со оваа мисла, го продолжив библиското проучување секоја среда кај Конерови, и тоа траеше наредните осумнаесет месеци. Не ни замислував дека во Библијата се кријат такви идеи. На крајот на секое проучување, Етел ме прашуваше:
– Џим, дали би дошол во црква овој викенд?
Мојот одговор редовно гласеше:
– Не додека сосем не се уверам дека ова е вистината.
Ова стана наша мала традиција, сè додека на нејзиното лице не се виде потполн шок, кога во текот на една од нашите средби реков:
– Овој викенд доаѓам во црква. Едвај чекам да ги запознаам светците кои живеат по оваа вистина!

Бев возбуден! Тоа ќе биде навистина големо случување, затоа што ако овие вистини така ме воодушевија, тогаш средбата со тие луѓе кои живеат во склад со тие вистини, ќе биде величенствена. Пол и Етел не беа ни пола возбудени како што бев јас. Всушност ним им беше дури и малку непријатно.
– Џим – рече Етел – има неколку работи кои мораме да ти ги кажеме пред да ја посетиш црквата…
Се обидеа да ми го кажат она што наскоро и сам го дознав – дeка не се сите светци – баш светци. Подоцна дојдов до сознание дека и Библијата тоа истото го кажува во стихот: „…зашто не сите, кои водат потекло од Израел, се вистински Израелци“ (Римјаните 9,6), како и: „Не е Евреин кој е надворешно Евреин… Туку оној кој од внатре е Евреин“ (прафаразиран цитат од Римјаните 9)
Силни се овие зборови, но не ни замислував како нивната острица наскоро ќе се сврти против мене.

Во текот на тие осумнаесет месеци се заљубив во Божјиот збор (Библијата). Бог го употреби Својот збор во моето срце да разбуди одговор на Неговата љубов. Меѓутоа, јас паднав во една од замките, кои сатаната ги поставува пред нозете на оние кои го бараат Господ. Мислев дека интелектуалната согласност со вистината е сè што еден христијанин треба да има. Вистински верував дека вистините кои го содржат Неговиот збор станаа моја религија.

Копнеев целиот мој живот некој да ми покаже како да станам христијанин, а сега ми се чинеше дека конечно го открив мојот пат. Имав силна волја, и штом ја разбрав вистината од Божјите зборови, спремно тргнав да ја применувам. Имав ревност за тие мои вистини. Бев искрен во тоа. Меѓутоа, бев сосем во криво кога е во прашање она што навистина го прави еден христијанин. Не разбирав како некој воопшто станува христијанин.

Мојата ревност ме натера да ги поделам овие вистини со пошироката фамилија, роднините и пријателите. Додека се обидував да им објаснам како нивното учење не е библиско, го чувствував нивното негодување; не им се допадна тоа што им го зборував. Не сакаа да ги прифатат тие „мои“ вистини. Иако можеби не беа во состојба врз основа на Библијата да формираат одговор, за да ги одбранат своите верски позиции, сепак ги одбиваа моите објаснувања. Тоа беше вистинска загатка за мене. Мислев – кога навистина ќе бидат осведочени за вистината, истиот момент ќе сакаат да ја послушаат.

Така се враќав повторно и повторно, со уште поголема ревност, сè додека моите роднини јасно не ми ставија до знаење дека не само што не сакаат да имаат ништо со мојата нова религија, туку и дека воопшто не им е грижа за мене.
Мојот став беше: „Јас сум во право, вие грешите. Јас верувам во вистината, а вие верувате во лагата.“ Тоа сосема ги одби и тоа со причина.

Некои ја приметија мојата ревност за убедување, па набрзо станав библиски учител и давав библиски часови на други искрени души, кои како мене ги прифатиле прекрасните вистини од Библијата како своја религија. Станав главен старешина во локалната црква и однадвор изгледав како добар човек.

Меѓутоа, стана многу јасно па дури и на еден тврдоглав германец како мене дека нешто во мојот христијански живот не е како што треба. Можев да ја посетувам црквата и да изнесувам прекрасни пораки за победата на гревот, а тогаш ќе дојдев дома и ќе се изнавикав на мојата жена и ќе беснеев на децата. Знаев дека тоа не е исправно, но дури ниту мојата силна човечка волја не можеше да ја добие победата во оваа област.

Библијата ова го опишува на следниот начин: „Од една уста излегуваат благослови и клетви. Треба ли, драги мои, така да биде!? Може ли од ист извор да извира и слатка и горчлива вода?…..Така ниту еден извор не дава солена и слатка вода….Ако се сметаш за побожен, а не го обуздуваш својот јазик, ти само се залажуваш – твојата побожност е безвредна!“ (Јаков 3,10-12; 1,26).

Господ започна да ми одговара низ овие и слични текстови. Мојот ум почна да го нагризува сомнеж.. Да не пропуштив нешто? Дали навистина сум обратен? Бев во црквата, но дали бев во Христа? Бев во зборови, но дали бев во Зборот кој стана тело (кој е отелотворен) и кој се насели помеѓу нас? Ми светна дека кога глушецот ќе се најде во тегла со колачи, тоа не значи дека од глушецот станува колач. Неколку години беа потребни Господ конечно да го совлада мојот тврдоглав дух и да го слушнам неговиот глас:

– „Џим, треба да се повлечеш и да го преиспиташ своето дело. Мораш да бидеш сигурен во своето обратување“.
– Јас? Зошто, Господи? Па јас сум главен старешина во црквата! Имам донесено цела дузина луѓе во Твојата црква. Зарем јас не сум обратен?
– Да, Џим, но постојат работи кои едноставно не ги разбираш.

Почнав да сфаќам дека исправното верување, или правилното доктринално размислување го прави само малиот дел од правата религија. Денес има над милион христијани кои исповедаат вера и се држат до „исправното мислење“, па сепак вистинската духовност никогаш не била на пониски гранки.

Цврстите библиски начела се апсолутен императив за секој христијанин, кој сака да ги преживее големите случувања на крајот на историјата на земјата. Сепак, ние можеме да ги изложуваме нашите ставови на начин на кој слушателите ќе ги воведе во системот „вистина“, наместо да ги доведе до Бога.

Не се самите зборови тие кои ја оживуваат душата, туку самиот Бог. Додека слушателите низ лично искуство не го доживеат Бог, тие често не се ништо подобри затоа што ја слушнале „вистината“. Библијата не е цел самата за себе. Таа е средство, инструмент кои луѓето ги упатува на интимно дружење со својот Бог. Христос денес ни зборува со исти зборови со кои ја насочил црквата во она време, кога одел по земјата. „Вие ги проучувате писмата, зашто верувате дека во нив ќе најдете вечен живот за себе – а токму таму се говори за Мене!” (Јован 5,39).

Имав теолошко разбирање и можев да зборувам за своите библиски втемелени ставови, користејќи научни изрази. Меѓутоа, кога се сретнав очи во очи со вистински, живи христијани, моето големо знаење се покажа како лудост.

Да седев во подножјето на крстот и така да започнам разговор со Марија Магдалена, како би изгледал тој дијалог?

– Марија, гледам дека ти не си го отфрлила Христос како другите. Дали ти ги постигнуваш овие добри дела, низ препишана или доделена праведност? Ако си примила праведност од Бога, тогаш ти си сигурно оправдана личност. Кога се случило тоа? Дали тоа беше законско или внатрешно оправдување?
– Што? Кој? За што тоа зборуваш? – веројатно би прашала во чудење – Јас Го сакам! Тој е мој Господ, мој Спасител! Тој ме откупил! Чија религија е исправна – на главниот црковен старешина или таа која ја имала блудницата? Ракував со сите теолошки термини, но таа имаше живо искуство.

Организираните цркви можат лесно да станат замена за спасоносното познавање на Бога, најголемиот сурогат кој светот некогаш го видел. Голема опасност се крие во самозадоволството. Ние сме ги прифатиле доктрините и редовно ги посетуваме богослуженијата. Така сме ја достигнале состојбата на самозадоволство, хранејќи се со мисла дека сме сигурни внатре во тората. На крајот на краиштата, ние сме во засолништето на црквата и во Неговите зборови, што е целосен доказ дека сме го пронашле Бог. Но, дали сме навистина?

Членството и исповедањето на верата со грешка станаа синоним за ново раѓање. Ние не ја гледаме опасноста која ни се заканува ниту чувствуваме потреба за подлабоко искуство, затоа што во нашето опкружување не постои никој кој би имал поразлично искуство во однос на нашето. Ваква ситуација преовладува речиси во сите цркви и деноминации на нашето време. Тоа подметнато, лажно верување дека правата религија сме ја пронашле со знаење, исповедање и редовно посетување на црквата, прави Бог да го доживуваме како споредна личност, како Оној на кој му се обраќаме кога ни е згодно, наместо Тој да биде основа на нашиот секојдневен живот.

Црквите во главно го гушат и оној последен глас на вистинска вера меѓу членовите. Тие нудат сигурност и удобност сосем надвор од вистинската заедница со Бога. Членовите станале како бебиња, кои научиле да бидат задоволни со вештачка храна отколку со онаа вистинската.

Можеби звучи како да сум против секоја религија, но не е така. Иако религијата не ме доведе до Бога, таа беше отскочна даска, стимуланс кој ги отвори моите очи и ги стимулира моите размислувања. Таа беше катализатор, подобро кажано, кој го забрза моето движење во одреден правец, кој помогна да се вкоренам во одредени принципи, создавајќи некоја врста на „структура“ во мојот верски живот. Без ова, мал број луѓе би успеале да го пронајдат патот до подлабокото искуство. Затоа ќе имам вечна благодарност за овој дел од моето духовно созревање.

Меѓутоа, јас копнеам за тоа луѓето кои се наоѓаат во споменатите цркви, да увидат што е тоа што им недостасува: дека Бог е личност и дека како таков сите можат да Го доживеат и спознаат. Односот помеѓу Бога и човечките души е суштина на вистинските христијански искуства. Секој ден, секој час и секој момент Бог нас нè насочува, оспособува, инспирира да живееме „живот скриен во Христос, кај Бога.“ (Колосјаните 3,3), „така Бог целосно ќе владее над сè“ (1 Коринтјаните 15,28). Тоа е искуство чиј недостаток го чувствував. Не го разбирав, но некако во длабочината на својата душа несвесно копнеев за него.

Бог го ставил тој копнеж во моето срце, сакајќи да ми подари живо искуство. Меѓутоа, Тој знаел дека тоа ќе донесе некои крупни промени во мојот живот. Бог знаел дека никогаш не би Го пронашол во срeдиштето на „црквеноста“ и „религиозноста“ на овој свет со неговата гордост, помпезното преправање и самоистакнување. Затоа ми ја даде истата порака која Исус им ја упатил на Своите ученици: „Дојдете, ќе отидеме на некое тивко место, па да можете малку да се одморите!“ (Марко 6,31).

Ми ги откриваше основните тајни со ново искуство. Прво, морав да одговорам на Неговиот славен поход на престолот на моето срце, и да одлучам да Го пронајдам. „Ќе Ме барате и ќе Ме најдете, зашто ќе Ме барате со сето свое срце.“ (Еремија 29,13).

Тогаш Бог рече:
– Џим, мораш да бидеш спремен да ги ограничиш своите планови, да го намалиш својот непрекинат ангажман…. мораш да го поедноставиш својот живот за да би бил во состојба да „се смириш и спознаеш дека јас сум Бог“ (Псалм 46,10 – анг. превод)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *