Денеска е Собор на Св. Јован Крстител, еве што се прави на овој ден

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 7 јануари.

Денеска е Собор на св. Јован Крстител.

Уште од првите векови Црквата утврдила овој ангел во тело да се прославува веднаш после празникот Боголавление. Тоа е затоа што неговата главна служба, неговото главно дело, се состоеше во подготвувањето на народот за доаѓање¬то на Помазаникот Исус.

Така, иако свети Јован Претеча и Крстител се прославува на неколку пати во текот на годината, неговиот собор т. е. главен празник е на денешен ден.

Именден прославуваат Јовановци. Овој ден се вика уште и Женски Водици поради што главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. Покрај другото на овој ден жените одат по коледица, и тоа само по куќите од својата компанија. Најпрвин една девојка облекуваат во невестинска облека, таа бацува рака и ги собира подароците, најчесто пари. Одејќи низ селото водичарките пеат: „Појдов дојдов низ село / најдов сено косено…“ во дворот од куќата: „Овде дворје метени / овде моми плетени…“, во куќата на секој член од семејството му пеат посебна песна во зависност од неговата старост и положбата во фамилијата.

На жена со машко дете ѝ се пеела песната: „Има мајка мила сина“, на жена со ќерка: „Има мајка мила ќерка“ или „Има мајка мили ќерки“, ако имала повеќе женски деца, а на жена без деца и се пеела песната „Еливер ми коња коит“ итн. Според содржината но и според начинот на исполнувањето овие песни се блиски со лазарските песни.

Најсвечено и највесело е вечерта кај кумот кога се одврзува крстот и кога кумот му го предава крстот, а со тоа и кумството, на новиот кум. Стариот и новиот кум седнуваат еден до друг, кумот го одврзува крстот и на секоја фамилија од компанијата ѝ дава по еден страк од босилекот и по дел од црвениот конец со кој бил врзан крстот. Потоа крстот му го предава на новиот кум и му го честита кумството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *