За немарноста, присилувањето и самоодрекувањето во духовниот живот

Старец Ефрем Филотејски
За немарноста, присилувањето и самоодрекувањето во духовниот живот

Ве молам, чеда мои, продолжете да се борите. Не ја заборавајте целта, а тоа секако е спасението. Ѓаволот рика и гледа кого ќе проголта (1. Петр. 5, 8). Времето не е во нашите раце, нашиот живот виси на еден единствен конец. Достигнете ја мерката на својот раст. Докажете дека сте слуги Христови, а не на ѓаволот. Зарем не знаете дека немарноста ќе донесе илјада и една помисла кои ќе сакаат да ве заробат? Молете се со болка и солзи. Бидете храбри, Христос нема да ве напушти. Присилете се малку себеси и ѓаволот ќе си замине. Благодатта е спремна да ви помогне. Таа ја очекува вашата одлука и настојчивост.
Чеда мои, немарноста раѓа безверие и тромост, кои потоа се претвораат во рој лоши и штетни помисли што својата жртва ја водат кон осквернување. Стани, земи го оружјето – возљубената молитва, огласи ја славата на нашиот Бог. Победи го својот противник – ѓаволот, кој бара да те проголта. Присили се!

Од немарноста треба да се плашиш како од свој најголем непријател. Немарноста го донесува секое зло. Порази го својот противник – ѓаволот, кој бара да те проголта. Присили се!

Од немарноста треба да се плашиш како од свој најголем непријател. Немарноста го донесува секое зло. Поради немарноста кон нашите духовни должности ‘рѓосуваат нашите духовни добра, што за свој исход го има севкупното сушење на душата, како и сите последици кои произлегуваат оттаму. Против немарноста се војува преку постојана молитва од устата или умот, со сеќавање на пеколот, рајот, на непознатото време на нашата смрт… Според тоа, присили се да ги вршиш своите духовни должности.

Ние сме создадени со слободна волја, и со неа не може да управуваат други. Како такви, ние не би запаѓале во искушенија кога би имале страв од Бога. Кога не би се сакале себеси повеќе од Бога, не би се стремеле кон гревот. Меѓутоа, Неговата добрина не ги оставила нашите падови без лекови за поправање. Со нивна помош повторно се враќаме и со нивно посредство нашиот пад се претвора во победа.

Сите оние кои силно работат на своето спасение Светото Писмо ги нарекува праведници, оправдани со вера. Бог нема да дозволи тие да паднат, зашто храбро и добро војуваат. Кога вложуваат секакви напори за да истраат во трпението, Он нема да допушти да бидат искушувани преку своите сили. Меѓутоа, кога сме плашливи и млаки, кога имаме трома волја, тогаш е можно да бидеме искушувани преку своите сили.

Не дремете во сонот на немарноста. Ѓаволот е буден и во раката држи запален факел. Тој се труди да нè предаде во огнот за да изгориме. Разбудете се! Нè чека суд и судење без милост!

Не бидете малодушни. Не губете ја храброста. Понекогаш нè напушта светата хранителка – благодатта Божја, и тогаш ние паѓаме во смешни и неприлични помисли, а понекогаш дури и зборови. Сето ова се случува за да се смириме и за да немаме високо мислење за себеси или подобро кажано, за да ја познаеме својата слабост и за да станеме свесни дека без Бога никакво добро не можеме да направиме.

Не плаши се, бори се. Неоружај се со храброст и смелост. Го имаме Христа како војсководител Кој ќе ја поведе нашата војска кон славна победа! Никогаш не обесхрабрувај се себеси. Лукавиот нè поттикнува на ваква постапка за да нè разоружа и да нè зароби. Надевај се на Оној кој рекол: Нема да те оставам ниту ќе отстапам од тебе (Евр.13, 5). Он нема да дозволи да бидеме искушувани над нашите сили.

Размислувај за смртта. Ќе појдеме во друг свет. Колку е убав и блажен! Се прашувам, дали и ние ќе престојуваме во тој свет исполнет со таква убавина? Непрестајно да размислуваме за тоа благословено место, за да бидеме во состојба да го презреме овојлажен и опрелестен свет. Чеда мои, понекогаш сме многу обесхрабрени од некое искушение, не сфаќајќи дека ништо лошо не може да ни се случи доколку Небескиот Отец, со посредство на Неговата промисла, не ја дозволи таквата состојба за зголемување на нашето духовно знаење. Бог нема да допушти на оној свет да заминат духовно непросветени луѓе. Напротив, таму ќе бидат мудрите и верните, кои преку опит ги проучиле демоните и биле победници над различните гревови.Бидете смели во борбата, чеда мои! Преку многу неволји и искушенија ќе го прејдеме морето на овој живот за да стасаме во мирното пристаниште на оној блажен живот кој нема да има ниту крај, ниту неволја, ниту опасност.

Бог сака оние кои се борат да се угледаат на Него, поднесувајќи најголеми страдања заради Неговата љубов, зашто на тој начин ќе покажат дека навистина Го љубат. Љубовта кон Бога се открива единствено за време на искушението.

Чеда мои, нашиот Исус сака да имаме совршена љубов кон Него, поинаку кажано, две љубови не можат да се сместат во едно исто срце. Не можете да му служите на Бога и на Мамона (Мт. 6, 24). Ние затоа мораме да Му дадеме чисто и нелицемерно срце, а за возврат Тој би ни го дал Своето пренепорочно божествено срце.

Не очајувајте кога ќе паднете во искушение или во неволја. Немојте да мислите дека Бог нè напуштил поради нашите гревови. Не, Тој нè казнува за да нè научи на мудроста. Он не сака да бидеме неуки, туку мудри и исполнети со божествената мудрост.

Кога не би војувале, како би се знаело дека сме војници Христови? Војникот може да биде ранет, но тоа не значи дека е поразен. Дури и ако сме поразени, повторно ќе станеме и ќе се бориме.

Кога би било можно да се здобиеме со љубовта Христова без борба, тогаш нашата слободна волја не би имала никаква вредост, зашто Христовата љубов без битка ќе ја добиеме. Токму заради тоа ќе бидеме наградени кога, и покрај сите противења предизвикани од поврзаноста кон светот, ќе се здобиеме со животворната љубов Христова, но и кога, наспроти сета привлечност на гревот, ќе застанеме како цврсти тврдини на добродетелта!

Чеда мои, помислете низ што минале мачениците заради Христа! Колку повеќе маченици страдале, толку повеќе цветало христијанството. Нашата Црква е измиена во крвта на мачениците. Ние сме маченици во ова расипано општество зашто, преку Божјата благодат, со својот живот го прекоруваме неморалот на човештвото и неговото оддалечување од служењето на Бога.

Пребивајте, чеда мои, во тој чист живот, пребивајте во близината на нашиот Исус Христос и угледајте се на Него трпејќи ги клеветите и лажните обвинувања. Истото тоа нашиот Господ го претрпе од книжниците, фарисеите и првосвештениците. Претрпе Крст! Според тоа, оној кој сака да биде Негов следбеник ќе мора да поднесе слични искушенија.

Продолжете силно да го повикувате името на Исуса Христа Кој го спасува светот. И тоа да не биде чујно само за вашето уво, туку нека одекне во клисурите. Борете се, зашто вие сте оние кои ќе се спасат. Вие сте оние кои ќе ги ожнеат слатките плодови на вечниот живот.

Чеда мои, биде молчеливи, смирени и послушни до смртта. Бидете подготвени да се жртвувате преку отсекување на самоволието дури и тогаш кога тоа ќе ви се чини како вистинско мачеништво. Тоа е она што значи самоодрекување. Кога ќе почнеш, се придржуваш кон овие совети. Немој од ништо да се плашиш, од никакво зло, било да потекнува од демоните, било да потекнува од луѓето, зашто секој кој се придржува кон божествените заповеди Бог го чува од секое зло.

Ѓаволот нè опрелестува и ние понекогаш забораваме дека мораме да се присилиме зашто дните минуваат, а ние, на наша неутешна жалост, постепено се приближуваме кон смртта. Присилувајте се, чеда мои, зашто времето минува. Обрнете внимание на самите себе. Ѓаволот не спие, туку будно се бори барајќи кого би можел да го проголта. Чеда мои, пазете да не ги загубите своите бесмртни и скапоцени души кои вредат повеќе од илјада светови.

Бидете внимателни, чеда мои. Кога Бог ќе заповеда човекот мора да оди кај Него. Се прашувам, кога и нам ќе ни нареди да се појавиме пред Него? Да бидеме подготвени за да не западнеме во неволја доколку Он ненадејно нè повика.

Борете се храбро и со надеж во Бога. Ѓаволот секој миг ќе ве напаѓа со световни желби. Без оглед на тоа, вие морате да ја сочувате положбата на буден војник, како ѓаволот не би ве погубил ако духовно задремете. Бидете претпазливи, зашто противникот сурово рика барајќи кого да проголта преку ниските страсти.

Не заборавајте дека секојдневно мора да го носиме својот крст, а тоа значи страдања, труд, искушенија и секој вид на демонско влијание. Кој светител без страдања и опасности воопшто чекорел по мрачната патека на овој свет? Ако веќе сме повикани да чекориме на оваа иста патека, зошто да ни биде чудно кога ќе се соочиме со страдањата? Ако сме избрале да војуваме со ѓаволот, зошто ни е тогаш чудно да се судриме со тешкотиите? Да ја запалиме светилката на својата ревност и трпеливо и будно да го очекуваме доаѓањето на Господа Исуса Христа.

Борете се, чеда мои! Со нашиот Христос сè ќе издржиме! Светот ќе нè мрази затоа што го мразеше и Христа, но првенствено ќе нè мрази заради нашата љубов и поклонение!

Љубете го Христа, дишете со Христа. Христос нека се насели во вашите души. Од никого не плашете се, зашто ние на Бога Му припаѓаме. Царот над царевите нè има нас како Свои царски слуги. До нас не може да допре никакво зло, зашто ние Му служиме на Христа, а Нему сè Му се покорува.

Христијанската борба е славна, зашто наградата не е нешто краткотрајно туку е вечна слава на Небесата! Блажен е оној кој е мудар во Бога, зашто нема да се најде во тешка положба кога Бог ќе го повика да ја поднесе сметката за времето проведено овде на земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *