Зошто попрво камилата ќе мине низ отвор од игла, отколку Бог да исполни некои наши молби?

И ете, еден човек, кога пристапи до него, Му рече: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“ А Тој му одговори: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар освен Единиот Бог. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите. Тој Му рече: „Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; почитувај го татка си и мајка си; љуби го ближниот свој како себеси!“ Младичот Му рече: „Сето тоа сум го запазил од својата младост; што уште ми недостасува?“ Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене!“ Штом го чу младиот човек кажаново, си отиде натажен, бидејќи имаше многу имот. А Исус им рече на учениците Свои: „Вистина, ви велам, дека богат тешко ќе влезе во царството небесно; и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.“ Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“ А Исус, ги погледна и им рече: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.“

Денешното евангелие вообичаено го согледуваме и го препознаваме во целиот наш однос кон секој друг, зашто момчето почнува да „калкулира “ за да добие нешто повеќе од тоа што веќе го има. По нашата логика, ако ги исполнил сите заповеди, ќе го добие и Царството Небесно, што има понатаму да прашува и да бара? Мојсеј и сите пророци кога пишувале, кажале се што треба. Господ кажувал, тие пишувале. И таму се вели – кој ги исполни овие заповеди, ќе влезе во Царството Небесно или ќе најде удел пред Спасителот. Така кажуваат Пророците. Момчето е секој еден од нас кога сакаме да калкулираме пред Господа. И Му се обраќаме со – Учителе Добар! Не Му се обратил со “Господи”, туку со Учителе Добар, Му се додворувал, Му ласкал.

Ние секогаш кога калкулираме со нашите работи кажуваме вака: ”Ех, два дена постев сега, уште еден ли? Јас одам да се причестам, среда и петок постам и доста е толку! Еден ден постев и ќе се причестам, доста е за оваа година, догодина пак!” Тоа се изворно изјавите на нашите ,,христијани”. ,,Тие секогаш прават некаков есап – ќе донесат зејтин, крпичка, ќе постат два дена, ќе се причестат и тие се “раздолжиле” со Господа, што велеше еден човек.” Момчето ни е само еден показател за тоа што ние не го разбираме – дека со Господа нема калкулации. Постојано сме во добивка и постојано сме избрани да имаме дарови, наше е само дали ќе го препознаеме дарот. Ако сме постојано во добивка, како тоа одиме кај Господа и калкулираме – Господи еве ќе постам, ќе се причестам а ти сѐ што имаш дај ми! Па Тој веќе ти дал сѐ!

Православието не претставува вера, каде што ние застануваме за да добиеме нешто, туку да дадеме нешто. Православните христијани треба да даваат зашто сите други нешто бараат. Ние само даваме! Зашто нашиот Господ кога слезе на Земјата, преку пример ( случката во Евангелието со нахранување на пет илјади мажи и тие што беа со нив со пет леба и две риби Матеј:14-22 ) им покажа на Апостолите дека и тие треба да даваат. Човекот треба да дава. И покрај тоа што сите апостоли биле со Него, и сите апостоли го гледале тоа што го прави Тој, било потребно Светиот Дух да слезе врз нив за да разберат дека Тој цело време дава. И тука е проблемот. Ако доаѓаш во Црква и постојано нешто бараш, никогаш нема да добиеш, бидејќи тоа што го бараш не кореспондира, не е исто со тоа што Бог го дава. Бог се дава самиот себе. И оттука па натаму ние можеме да градиме вистински однос со Него. Штом Тој се дава и ти треба да се даваш.

Затоа богатото момче, и покрај високото мислење за самиот себе, дека сѐ исполнил, дека сѐ направил, а бил се уште млад, бара уште повеќе од тоа што мислел дека може да го носи. Господ му дал богатство, Господ му дал да се школува т.е. да научи да чита (во тоа време да учиш да читаш еврејски јазик било многу тешко ), а тој оди да побара “уште малку повеќе”. И Христос му се обратил, на што момчето одговорило – сѐ што требало сум исполнил! На тоа Христос му одговара, ако сакаш толку да си совршен – продај го својот имот и раздели го на сиромаси, и врви по Мене!
И тука е провокацијата,закачката за целото човештво. Зошто ние би се дале на друг, зошто ние би се жртвувале за друг? Луѓето велат дека би се жртвувале само за тие дома, демек дека биле крв. А, понатаму во животот најголемите судови и спорови за имотот се со братот, со чичкото, со тие дома. Со комшијата пак, спорот е за стреата. И „најправославната“ изјава е дека ги сакаме само „тие дома“.

Господ кога дојде на Земјата ни покажа што е тоа заедница, тоа што од Адам до Св.Јован Крстител ние сме го изгубиле, т.е. тоа што старозаветниот човек го губи како идеја, дека може да живее во заедница, иако сите биле заедница, но Господ “го немало”. Доаѓа Христос, покажува како изгледа заедницата, што треба да се прави и вели дека најголемата доблест е да го дадеш животот за другиот, да се дадеш во жртва за другиот. Жртвата не секогаш значи да бидеш убиен, да „умреш за некого”. Жртва е и да однесеш кафе на некој, да бидеш истепан наместо некој друг, кога треба да истрпиш, да слушаш некој што знаеш дека не ја кажува вистина, да ги голтнеш сите ,, удари” од ближниот, да не вратиш ако некој те осуди, те поправи, да не се налутиш кога некој ти држи лекции итн. Во секојдневието значи да истрпиш сѐ за својот ближен, да го покриеш неговиот грев. Ако разбереме дека сѐ што се случува околу нас е дар Божји кој Бог ни го испраќа за наше спасение, за наше поучување, тогаш нема “живот во тага”, нема пропаднат живот, нема живот со депресија и анксиозност. Да беше нашиот живот со мотика, по два декари да ископаме, немаше да има ништо. Само воспалени мускули, но со чист ум.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *