Исповедта на старец Филотеј Зервакос

Не Го љубам Бога со сета моја душа, со срцето и со разумот. Немам послушност кон заповедите Божји и не ги запазувам заветите кои ги дадов при крштението и при монашкиот потстриг пред лицето Божјо, пред ангелите, пред светителите и луѓето.
Не се молам и не читам со внимание. На свештените богослуженија и бденија, дури и за време на Литургијата, стојам во храмот без страв, внимание и побожност. Често пати имам недолични, срамни, нечисти и богохулни помисли.

Немам вистинско покајание, ниту плач, ниту солзи. Не се исповедам искрено и со скрушеност на срцето; ниту имам чувство дека исповедта се извршува пред лицето на Сезнајниот Бог, Кој е насекаде и сѐ знае, и помислите и длабочините на моето срце.

Недостоен пристапувам кон Светата Причест, без соодветната подготовка, без страв Божји, вера и љубов.
Не го љубам ближниот како себеси.
Немам љубов, ниту соодветна почит кон мојот духовен отец и кон браќата од манастирот. Немам совршена послушност, ниту отсекување на волјата.

Горделив сум, противречам, суетен сум, сакам да им се допаднам на луѓето, себељубив, многу и напразно зборувам, се шегувам и се смеам за бесмислени работи, одвраќам, судам и осудувам, лажам, клеветам, се гневам, се лутам и злопамтам.

Немам воздржување, трпение, кротост, смирение. Роб сум на стомакот, стомакоугодник, скришнојадач, своеволен, непостојан.
Грешам со сите мои сетила (видот, слухот, вкусот, мирисот и допирот).

Грешам со зборови и дела, волно и неволно, со знаење или без знаење, со мојот ум и со разумот; нетрудољубив сум и мрзлив и затоа често имам лоши и срамни желби, погрешни, срамни и нечисти, горделиви помисли.За сите овие гревови кои ти ги исповедав, отче, пред лицето Божјо и пред тебе, и за другите небројни гревови, кои од заборавеност или незнаење ги пропуштив да ги исповедам, барам од Бога да ми ги прости.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев
Γέροντος Φιλοθέου Ζερβάκου, Διδαχές πατρικές σελ.265-266

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *