Како да ги поттикнете децата почесто да излегуваат надвор

Родителите и воспитувачите доста добро ги разбираат придобивките од детската игра на отворено. Знаеме дека ова е генерално најдоброто нешто што можете да го направите за физичката и менталната благосостојба на децата. Долготрајната и доследна игра на отворено го поттикнува развојот и го зајакнува здравјето, а исто така ги прави децата посреќни. И покрај тоа што го знаат ова, сè уште е тешко за многу родители, наставници и семејства да најдат време да ја вклучат играта на отворено во нивниот секојдневен живот. Денес, различните воннаставни активности често имаат приоритет пред играта, а децата страдаат затоа што се лишени од овие клучни компоненти од детството.




„Како мајка на три енергични деца кои поминуваат значително време на отворено, смислив неколку добри начини да го искористам максимумот од времето за играње на отворено и би сакала да споделам некои од моите совети со читателите кои можеби се борат со тоа“, советува мајката Кетрин Мартинко. „Почнете да размислувате за тоа како за неопходност. Ако почнете да сметате дека секојдневната игра на отворено е важна како оброкот или добриот сон, ќе почнете да наоѓате повеќе време за тоа. На децата им треба неверојатно многу – и психички и физички“, додава таа.




Организираните активности заменете ги со неорганизирани
Наместо да им плаќате на децата за разни активности по училиште, погрижете се да поминуваат барем неколку дена во неделата на отворено. Тоа може да биде прошетка, игра во дворот, во парк или одење во шума. Тоа нека стане правило.
Дури и најкратката изложеност се брои
Ако имате само неколку минути, искористете ги. Испратете ги децата надвор на пет или десет минути да издишат, да трчаат низ дворот, да се борат со снегот, ако има, или да ископаат дупка. Не е потребно многу за да се направи голема разлика.




Искористете го викендот за да излезете во природа
„Моето семејство оди на скијање секоја сабота наутро во текот на зимата. Тоа кај мене дома се смета за обврска и никогаш не го прескокнуваме, дури и кога температурата ќе падне до -20 С. Не дозволувам оваа активност да се заобиколи поради придобивките што ги има за сите нас – вежбање, чист воздух, големо задоволство и семејна поврзаност“.




Организирајте игра со други деца
Организирајте заедничка детска игра на отворено со другите родители. „Открив дека другите родители често се многу благодарни за тоа бидејќи и тие сакаат нивните деца да поминуваат повеќе време во природа“, објаснува таа.
Не плашете се од темнината
Во овој период од годината е темно наутро и рано навечер, но тоа не треба да ве спречи да ги испраќате децата да си играат во безбеден двор каде што автомобилите не ги загрозуваат. Дозволете им да си играат по враќањето дома од училиште или по вечерата, однесете ги на ноќна прошетка пред спиење, ако не сте излегле во текот на денот. „Поголемите деца можат да го искористат ова време надвор шетајќи ги своите кучиња, но и на соседите, за да заработат џепарлак“, открила Кетрин. Други идеи би можеле да бидат фрлање снег на патеката или помагање на постарите соседи во нивните задолженија низ куќата.
Одење до и од училиште
Колку повеќе време на отворено успеете да одвоите во денот на детето, толку подобро. Ќе се чувствуваат подобро, ќе имаат подобра мускулатура, ќе бидат поздрави и поенергични. „Уште од мали тренирајте ги вашите деца да ја научат најдобрата и најбезбедна маршрута следејќи ги, а потоа дозволете им сами да го направат тоа кога ќе се почувствуваат подготвени (а вие се согласувате дека се)“, предлага таа.




Играјте надвор пред училиштето
Ако треба да ги возите децата на училиште, испратете ги десет или петнаесет минути пред поаѓање. Ова ќе им даде шанса да потрошат барем малку енергија, а вие ќе имате неколку драгоцени минути да се организирате пред да излезете од дома.
Излетот нека биде настан
Наместо само пешачење, организирајте пикник. Подгответе шишиња со вода и мали сендвичи и упатете се кон шумата, ливадата или шеталиштето покрај езерото. Што и да е блиску до вас.
Искористете ги предностите на урбаните паркови. Тие се богат ресурс, а често се потценети и недоволно искористени. Направете ритуал да одите таму со вашето дете на одреден ден секоја недела, приспособувајќи ги вашите активности на сезоната и климата. Направете го тоа нешто што и двајцата со нетрпение го очекувате.
Инвестирајте во вашиот двор
Потрудете се малку и средете го дворот за да им биде попривлечен на децата. „Досега за моето најстаро дете купив кош, трамбулина (користена), куќа на дрво, велосипеди, скутери, играчки со далечински управувач и од неодамна електричен ховерборд – сето тоа може да го поттикне да сака да излегува и да игра. Ова се добро потрошени пари (и пари што не ги трошам на електроника)“ – советува Кетрин. „Фрлете ја електрониката. Да, знам дека сите превртуваат со очите и мислат – тоа е невозможно – но дали некогаш сте размислувале да го направите тоа? Ние сме семејство главно без екрани (без ајпад, без телевизор, деца без телефони) и одлично се забавуваме. Не е ни приближно толку екстремно како што мислите. Она што е екстремно е колку време сите други поминуваат зјапајќи во своите уреди кога би можеле всушност да бидат надвор, градејќи неверојатни снежни тврдини или изведувајќи скејтборд-скокови на патеката“ објаснила таа. Ако се потрудите да создадете време за играње на отворено, ќе ги искористите придобивките на повеќе начини отколку што можете да замислите.