Лицемерието во духовниот живот е страшна болест

Протосингел Петар (Богдановиќ)

Во Евангелието гледаме дека Господ е најостар со фарисеите и со лицемерите. Гледаме дека имал толеранција и разбирање, и го прифаќал покајанието на разните грешници како лекар кој дошол да ги лечи болните, а не здравите со својата љубов, ги лечел и ги прифаќал, додека од друга страна гледаме многу остри зборови, критики кон фарисеите и кон нивното лицемерие.

Лицемерието во духовниот живот е страшна болест. Зад лицемерието се крие омраза, осудување, самозадоволство, самозаљубеност… но, за разлика од другите гревови кои се транспарентни и кои веднаш го покажуваат грешникот како таков, лицемерните се кријат зад мноштвото правила, зад многу разновидни закони и многу се ревносни во тоа што го исполнуваат, за на сметка на тоа да ја сокријат онаа змија која е сокриена во длабочината на нивното срце. А таа змија, воглавно е омразата. Немањето љубов кон друг човек. И денес тоа ќе го видиме.

Кога зборуваме за љубов во Црквата постојат такви кои не можат воопшто да ги поднесат зборовите за љубовта и велат: тоа е некое либерално православие: православието треба да биде тврдо, тешко, треба да ги поправаме другите, треба да вадиме ножеви и мечови, да се бориме, да напаѓаме, да ги разобличуваме и да ги пријавуваме нашите браќа и сестри, тие кои не се добри, да ја откриваме нивната злоба, да ги поправаме.

Тие понатаму велат: „Ние кои критикуваме, ние сме тие кои имаме љубов, затоа ние критикуваме за да ги поправиме другите“. Но, мене тоа ми изгледа дека сето тоа е сокривање и оправдување затоа што немаат љубов. Ако дадеме предност на друг човек, макар и да е грешен, нека е и лош, нека ни е непријател, ако секогаш даваме предност на другиот, го исполнуваме законот Божји, го исполнуваме законот на љубовта. За тоа нема оправдување да не го направиме.

Треба да се чуваме од осуда кон другиот, треба да се чуваме од лицемерието и треба да се вратиме на себеосудувањето како основна особина на секој христијанин за која зборувале и светите отци.

Или како што велат светите отци: „Оној кој ги спознал своите гревови, поголем е од оној кој гледа ангели“.

Оној кој ги видел своите гревови, поголем е од оној кој гледа ангели. Или како што на крајот вели Господ: „Најпрво извадете ја гредата од своето око, па после вадете ја раската од окото на брата си“.

Опасноста од лицемерието всушност не е затоа што лицемерните се сокриваат себеси од другите и таа своја темна страна, туку затоа што тие се способни и самите себе да се излажат. Тоа е опасност која нѐ прогонува сите нас.

Овие зборови првин се однесуваат на мене, како и на сите нас овде собрани, затоа да се чуваме од тоа. Почеток на мудроста во Црквата е да се посомневаме во себеси. Да не се предавме толку на себе, да не се доведеме во прашање дали сме толку праведни. Навистина, да ја испитаме длабочината на срцето, да ја бараме Божјата волја, да се обидеме да ја откриеме таа змија која е сокриена и се гнезди во нашето срце.

Тоа е наша должност, токму тој грев на лицемерието е оној кој е најопасен. Ако човек направи некоја јавна глупост, сите ќе го опоменат, тој самиот знае дека погрешил. Но, ако на тоа сме благи и одвнатре сме полни со зборови и тоа не го гледаме, и на тоа имаме мноштво оправдувања, сѐ ни е попусто. Вистинската и правилна побожност ќе замине со радост, мир и љубов.

А денес гледаме дека во Црквата има феномен луѓето кои се истакнуваат со побожност се намуртени, постојано се лути, некако и кога треба да се насмеат, таа насмевка е вештачка.

Во што е работата?

Бог да нѐ избави од заблудите и да ни го подари Својот Небесен мир. Да ни подари воскресенска радост и со неа да победиме и да сфатиме дека Христос е Спасител и дека Он е Победник. Да сфатиме дека не сме подобри во ништо од нашите браќа и сестри и токму затоа, основна дејност и основна одлика на христијаните треба да е простувањето. Ние сме тие кои грешиме, а Господ е тој вистинскиот кој без разлика на нашиот грев нѐ засака.

Што значи тоа дека Господ нас вистински нѐ засака?

Значи: Не нѐ засака поради нашата правда, поради нашата убавина, поради нашата добрина, туку прв го направи гестот на љубов на кој ние треба да одговориме. Затоа не треба да се сомневаме, туку треба да ги погледнеме тие браќа и сестри покрај себе и да бидеме први кои ќе им подадеме гест на љубов, добра волја, да се обидеме во нив да го погледнеме ликот Христов, да направиме добро дело, макар и да се полоши од тоа што изгледаат, но ајде првин ние во нив да видиме добро.

Свети Јустин Ќелијски вели: „Кога ќе паднеме во искушение некој човек да го осудиме или оцрниме, или да го мериме со некоја мера, тогаш барем да го земеме предвид неговиот најдобар израз, да не го мериме кога тој е во некоја тешка, падната состојба, кога е во некој грев, кога е во лошо расположение. Да го мериме кога е во најдобро издание, бидејќи тогаш тој е вистински, а во спротивно е совладан од ѓаволот“.

Господ да биде милостив кон сите нас. Да имаме љубов едни кон други, да простуваме и да се предадеме на милоста Божја. Светите Божји луѓе, иако биле праведни и немале грев во себе во таа мера себеси се сметале за најгрешни.

Како можеме тоа да го сфатиме?

Дали биле во заблуда или можеби се лажеле себеси или другите, кога гледаме праведен човек кој себе се сметал за најгрешен?

Не, туку тие, всушност, ги земале туѓите гревови на себе како свои.

Секогаш ќе најдеме начин да простиме на друг, а да се осудиме себеси. На тој начин да ја пронајдеме во себе змијата. Во тоа да бидеме остри кон себе. Да немаме милост кон злото во нас и Господ на тој начин ќе се смилува и Неговата љубов ќе ни даде сила да победиме и да излеземе како Христови пред лицето на Бог Отецот. Како стадо Христово, а не како антихристов собир! Како браќа и сестри во врска со Светиот Дух, љубовта Божја, соединување во Тајната на воскресението, во Тајната на Црквата.

Превод: Протоереј Игор Пармачки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *