Манастир каде спокојот и мирот во душата лесно се наога

Високите карпи, кои се издигнуваат на небото како столбови, во грчкиот регион Тесалија, се дом на православните манастири во кои верските должности се извршуваат веќе 1.000 години.




Овие манастири биле изградени на речиси непристапни врвови од природни варовнички карпи, некои високи и до 500 метри.
Манастирите се наоѓаат во близина на градот Каламбака, на северозападниот дел на Тесалиската рамнина, во близина на реката Пенеус и на источните падини на масивот Пинд во централна Грција.




Каламбака има само 12 илјади жители, но долга и богата историја. Остатоците од грчкиот храм се вградени во најстарата црква, која била изградена во 10 век. За време на Втората светска војна, германската војска за време на окупацијата на Грција ја запалила, но по завршувањето на војната била повторно изградена.




Од 24-те манастири што биле изградени, денес има само шест и се познати како Метеора, или пловечки карпи. Тоа се Велики Метеорон, Варлам, Свети Стефан, Света Троица, Свети Никола Анапаусас и Русану. Нивната уникатност и убавина биле препознаени и од УНЕСКО, кој ги стави на листата на светско наследство во 1988 година.




Додека монасите се собирале околу карпите уште во 10 век, првиот и најголем манастир, Велики Метеорон, бил изграден 400 години подоцна. Секој имал по една или две цркви, соби за монасите и трпезарија. Некои се во функција и денес, иако во нив веќе нема многу монаси. Областа станала популарна меѓу туристите и аџиите во 1960-тите, кога биле изградени патиштата што водат до градот.




Денес, до манастирот се стигнува со скали и мостови издлабени од карпи, но пред 1920 година, искачувањето до него било доста тешко, вклучувајќи скали или влечење до врвот со јажиња и мрежи.