Неоткриениот спокој на македонските Метеори

Постои едно место во Македонија што ги спојува духовноста, историјата и природната убавина, а истовремено и зрачи со спокојство. Тоа место е недоволно откриено и некомерцијално. Тоа место се македонските Метеори (карпи во воздухот), кои се чини како со врвовите да го допираат небото. Затоа, не е ни чудно што во минатото токму овие карпи монасите ги избрале за да се молат, самуваат и да тихуваат. Тоа место е манастирскиот комплекс Зрзе, речиси на 1.000 метри надморска височина, на јужните падини на планината Даутица.
Зрзески манастир (се среќава и како Зрзенски манастир, Зрзевски манастир или „Св. Спас“) е лоциран на 34 километри северозападно од Прилеп, во близина на селото Зрзе. Легендата за потеклото на името на Зрзе, доаѓа од зрзорењето на реката Бојаник, по што и селото го добива името. До манастирот, тој непроценлив бисер од македонската културно-историска ризница, може да се стигне по асфалтен пат, кој поминува низ прилепските села Ропотово, Пешталево и Костинци кон селото Слепче.




Патот до манастирот, истовремено е патешествие низ историското и низ вонвременското. Недопрената природа ги гали сите сетила и ги допира најдлабоките чувства. Опојните мириси на жалфија и на мајчина душица, придружени со мирисот од неколку вековните ореови дрвја, црцорот на птиците и зрзорот на реката, овозможуваат доживување што го надминува вообичаеното искуство по патеката, која најверојатно е истата од доцниот антички период во времето на свети Климент Охридски.




Манастирскиот комплекс во минатото бил на многу поголема површина отколку денес (7.000 квадратни метри). Иако до неодамна се веруваше дека манастирот е од 14 век, резултатите од археолошките истражувања од 2008 година покажаа дека почетокот на зрзеското монаштво датира од 9 век. Од тој период е монашката населба на испоснички ќелии, издлабени во вертикалниот засек на бигорната карпа, на северната, источната и на јужната граница на манастирскиот комплекс.




Во времето на свети Климент Охридски, втора половина од 9 век, монасите ја населуваат зрзеската бигорна карпа, исполнувајќи ја со духовност. Ја подготвиле за свој дом, правејќи живеалишта во склад на природните форми и грижејќи се да не го нарушат релјефот. Се издвојуваат 7 рамништа со повеќе од 30 градителски облици – базилики, тихувалишта, ќелии, работилници, јами. Во непосредна близина на манастирот е пронајдена и базилика од 5 век и гроб на светител од 4 век.




Иконите „Христос спасител и жизнодавец“ и „Богородица Пелагонитиса“ се антологиски и бесценети поради уметничкото, националното, историското и духовното значење. Оригиналот на најпознатата икона од Зрзе, Пресвета Богородица од Пелагонија, денес се чува во Музејот на Македонија во Скопје, но голем примерок има и во манастирската црква.
Карактеристично за овие икони е тоа што нивната положба е спротивна од положбата на иконите на Исус и Богородица во другите христијански цркви и манастири. Во манастирската црква иконата на Богородица е од десната страна, а иконата на Исус е од левата. Имено, иконите трипати по ред биле поставувани од монасите според каноните на православието, но преку ноќ самите го менувале местото. По три дена и три ноќи кога игуменот ја прашал иконата зошто го менува местото, усните на Богородица се помрднале, и таа одговорила: Не сакам да му вртам грб на мојот син, затоа и го менувам канонското место.
Денес, манастирската целина ги вклучува црквите „Свето Преображение“ и „Св. Петар и Павле“, а како нејзин метох (манастирски имот) е и црквата „Св. Никола“ во селото Зрзе.
Црквата „Свето Преображение“ била изградена во 14 век, а фрескописот во внатрешноста датира од 16 и 19 век. Таа претставува засводена еднокорабна црква со полукружен свод и полукружна внатрешна апсида.