Ова место е благословено од Бога: Убавината на манастирот Св.Богородица – Балаклија во Делчево е надалеку позната

Св. Богородица Балаклија е манастир во близина на Делчево на оддалеченост од 1.5 км од градот, и е еден од најрепрезентативните верски и културни објекти во општина Делчево.
Сместен е во прекрасен природен предел во подножјето на планината Голак покрај регионалниот пат Делчево-Туристички локалитет Голак.

Целиот простор е репрезентативно уреден и оплеменет со традиционални градби, патеки, места за одмор, поток, чешма, водопад, летниковци и други слични содржини.
Повеќе пати во годината овде на ова место се случуваат повеќе религиозни, културни и други настани.
Податоци за постоење на Манастирот Света Богородица Балаклија- Источен петок датираат уште од 1915 година. Тогаш манастирот бил граден од плет и кал. Поради таквата градба тој неможел подолги години да опстои, бил срушен и на старите темели на 6-ти јуни 1999 година бил обновен со поставување на камен темелник.

На 19.09.1999 година од Неговото Високо Преосвештенство Митрополит Брегалнички Господин Стефан и во сослужение на Митрополитот Агатангел и Митрополитот Наум и повеке свештеници и ѓакони беше осветен манастирот.

Надворешно е фасадиран со бела боја и црвен гитер цигли, покриен со црвени керамиди. Основата на манастирот е во вид на православен крст со едно централно кубе.
Внатре ѕидовите на манастирот целосно се фрескописани од зографот Драган Ристевски од Охрид. Има иконостас направен од дрво и двери на кои е насликано Благовештението на Пресвета Богородица и завеса од Господ Исус Христос а до неа е иконата на Свети Јован Крстител на вратата. Лево е иконата на Света Богородица, а до неа на врататa е иконата на Света Богородица Балаклија- живоносни источник и Храмов празник на манастирот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.