Пешачење во бременоста, аеробна активност што ќе ве одржува во добра физичка форма

Општо е познато дека препораките се дека доколку сте во добра здравствена состојба и ако бременоста не е проблематична, треба да се занимавате со умерена физичка активност 150 минути неделно. Еве зошто пешачењето е идеална аеробна активност за една бремена жена. Без разлика дали ова е ваша прва или петта бременост, ако останете активни, тоа е добра подготовка за самото породување. Ако сте здрави и вашиот лекар не ве советувал да се одморате, можете да спортувате разни спортови, но на бремените жени особено им се препорачува да пешачат затоа што е ефикасно, со низок ризик и достапно за секого.




Дали е безбедно да се пешачи во текот на бременоста?
Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) препорачува бремените жени да вежбаат 150 минути секоја недела, најдобро поделено на пет 30-минутни сесии со умерен интензитет, како што е брзото одење. Пешачењето се смета за безбедна активност во бременоста бидејќи влијае врз кардиоваскуларниот систем без да ги оптоварува мускулите и зглобовите. Одењето, исто така, не носи ризик од можни компликации. За да бидете сигурни дека нема ризик ниту за вас ниту за вашето бебе, експертите советуваат да се консултирате со лекар пред да започнете со каква било физичка активност (било да е пешачење било некој друг вид вежба).




Предности што ги носи пешачењето во бременоста
Пешачењето овозможува добра форма на целото тело бидејќи е активност што го вклучува секој мускул во телото. Повеќе од сè, се смета за добра аеробна вежба.
Можеби самата помисла дека треба да пешачите не звучи привлечно, особено ако сè уште имате утринска мачнина. Сепак, самиот факт дека сте активни има голем број придобивки кои ќе ви помогнат да се чувствувате подобро на долг рок. Експертите велат дека пешачењето во бременоста, но и некои други видови умерено вежбање го намалуваат ризикот од развој на гестациски дијабетес (дијабетес во бременост), прееклампсија (состојба во која една бремена жена има висок крвен притисок, протеинурија и оток на нозете, стапалата и рацете), па дури и породување со царски рез.




Другите придобивки од пешачењето се:
– Помага во одржувањето здрава телесна тежина во текот на бременоста;
– Ги одржува мускулите и ги намалува болките во грбот;
– Помага во одржување на цревата во борбата против запек;
– Ја одржува или подобрува кондицијата во текот на бременоста;
– Влијае врз работата на срцето, белите дробови и крвните садови;
– Помага при слабеење ако продолжите да пешачите по породувањето;
– Пешачењето го подобрува расположението и ја намалува болката.




Кои се другите видови умерени активности со слични придобивки?
– Пливање;
– Возење статичен велосипед;
– Танцување, јога или други вежби специфични за бременост;
Дали болката во карлицата и/или стомакот е нормална и дали постои причина за загриженост?




Чувството на непријатност во стомакот и/или карлицата е нормално во бременоста и се јавува како резултат на истегнување на лигаментите и мускулите за да се приспособат на големината на бебето.
Ако болката се зголемува при пешачењето, земете слободен ден. Следете ги сите други симптоми за да бидете сигурни дека немате симптоми на предвремено породување. Ако забележите редовна или болка што се зголемува во карлицата или срамната коска посетете го вашиот лекар. Може да се работи за дисфункција на срамната симфиза, позната и како болка во карличниот појас, што може да се развие во која било фаза од бременоста. Во овој случај, вашиот лекар ќе ве упати на физиотерапевт кој ќе ви препише вежби за ублажување на болката и враќање на функцијата на лигаментите и зглобовите