Сарма со листови од блитва

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ

400 гр. мелено месо
70 гр. ориз
200 гр. сечкан кромид
листови од млада блитва
200 мл. масло за јадење
1 лажица мелена црвена пиперка
½ лажица мешан сув зачин
сол
мелен црн бибер

Начин на подготовка:
Во тава на оган со средна температура, ставете го маслото да се загрее па на него пржете го кромидот додека малку омекне. Потоа во кромидот додадете го месото. Пржете со континуирано мешање.
Во испрженото месо додадете го оризот. Промешајте и зачинете со мелена црвена пиперка и мешан сув зачин. Посолете и побиберете по вкус па налејте ја целата содржина во тавата со 150 мл. топла вода.

Оставете да крчка на ниска температура 1-2 минути за оризот малку да омекне и ја впие целата течност. Тргнете ја тавата од оган и оставете полнењето да се излади. За тоа време подгответе ги листовите за сармата. Во сад на оган ставете вода да зоврие, па во неа ставете ги листовите да стојат половина минута односно малку да омекнат и веднаш префрлете ги во студена вода за да го прекинете процесот на варење. На секој лист отстранете ја дршката и засечете кон внатрешноста на листот во форма на триаголник. Двете половини на листот по должина составете ги на средината така што малку ќе се поклопуваат.

На почетокот на листот, врз средишниот дел ставете една лажица од содржината во тавата. Почнете да виткате во ролна а потоа превиткајте ги страничните делови кон внатрешноста за да добиете правоаголник, па продолжете со виткање. Нежно притиснете ја сармата истовремено притискајќи ги и страничните делови за да го отстраните вишокот на воздух. Наредете ги сармите во садот во кој ќе ги печете па избоцкајте ги со дрвена чепкалка за заби. Врз сармата налејте жешка вода онолку колку што е потребно за да ја прекрие на површината. Затворете го садот со алуминиумска фолија и ставете ја сармата да се крчка во претходно загреана рерна на 220°C околу 30 минути.

По изминатото време отстранете ја фолијата па продолжете со печење уште 10 минути. Послужете со кисело млеко или кисела павлака.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *