Св. Богородица Пречиста во Кичево, најголемо духовно светилиште во земјава

Манастирот Св. Богородица Пречиста во Кичево е најголемото духовно светилиште во земјава. Се наоѓа јужно од градот, во општина Другово на падините на планината Цоцан, на надморска височина од 920 метри.
Манастирот е познат и како Крнински манастир кој името го добил според селото Крнино, кое денес не постои. Според преданијата самиот Бог, го одредил местото за градба на манастирски комплекс. Локалните жители одлучиле да градат, па оставале икона да преноќи. Но утрото иконата ја немало, Бог ја преместувал над изворот, местото каде денес е лоциран манастирот, кој се градел четири години од 1316-та година до 1320-та година.




„Иконата на чудотворен начин дојде во манастирот, бидејќи овде целата област беше мочурлива, иконата лебдела над една капина. Луѓето се обидоа да ја однесат иконата на друго место подолу каде што нема вода, за да го изградат манастирот таму, но иконата повторно се враќала тука. И тоа се случило неколку пати и така луѓето разбираат дека волјата на Пресвета Богородица е токму на ова место да се изгради манастирот“, раскажува сестра Нина од манастирот Света Богородица Пречиста Кичево.




Денес е женски манастир, во него живеат шест монахињи. Возобновата на монашкиот живот се случи во 2016-та година. Сестринството води едноставен духовен живот целосно посветени на молитвите кон Бога.
„Нашето секојдневие започнува во 5 часот и 30 минути наутро со почетокот на утрешната богослужба, потоа следи литургија, литургиите ги служат монасите од Бигорскиот манастир по литургијата, трпезата продолжува, за време на трпезата се читаат дел од житијата на светителите. После трпезата следи послушание секоја од сестрите има своја работа, едната е одговорна за дворот, другата во кујната, другата шие и си помагаме“, додава сестра Нина.




Живеат во беспрекорно послушание, но тоа го прават со голема желба и љубов. Покрај молитвите имаат голем број обврски.
„Главната економија во манастирот претставува производство на млечни производи од коишто манастирот се издржува. Има идеален простор за чување стада, од нашите крави и овци произведуваме сирење кое секој може да го купи во манастирската продавница“, појаснува монахињата Нина.




Низ историјата манастирот бил опожарен три пати и повторно обновен. Денешниот велелепен храм изграден од камен, во прекрасната живописна природа, датира од 1848-ма година, а за неговото возобновување најголем придонес дале Мијаците од долнореканските села.
Беспрекорно уреденото светилиште привлекува голем број верници, во него се чуваат и одекнуваат древните приказни за чудата на Мајката Божја. Светата вода, со исцелителна моќ со векови, ја гаси духовната жед на намерниците.