Совети како да бидете посреќни

Поканете ја среќата за таа да биде постојан гостин во вашиот живот. Не седете незаинтересирано додека животот ви поминува пред вашите очи. Бидете активен трагач по убавите нешта, по задоволствата, по радоста.
Не се дружете само со луѓе на ваша возраст. Разговорите со вашите врсници понекогаш стануваат излитени. Издвојте време да поразговарате со мало дете или со многу повозрасна личност. Децата имаат што да кажат, а нивната искреност и безгрижност сигурно ќе ве насмее. Повозрасните пак можат да се потпрат на големо животно искуство и секогаш имаат некој мудар совет или интересна приказна од минатото. Погледнете на животот преку други очи за да видите колку е убав и разнообразен.
Простувајте им на луѓето, дури и ако не им го кажувате тоа. Ако негувате во себе гнев и омраза, никогаш нема да можете да бидете целосно среќни. Не мора да им кажувате на луѓето што ви згрешиле дека сте им простиле. Простете им за да се чувствувате душевно мирни, простете им за себе.

Читајте повеќе, истражувајте повеќе. Во денешно време читањето книги некако не е во мода. Но, влегувањето во нови светови и учењето на нови нешта можат да ви помогнат подобро да го сфатите и да си го подобрите животот. Колку повеќе читате, толку пољубопитни станувате. Колку сте пољубопитни, толку повеќе сакате да учите, да истражувате и да пронаоѓате нешта на кои ќе им се восхитувате. Не сте љубители на книги? Тргнете да истражувате онлајн. Интернетот крие бескрајно многу интересни нешта кои ќе ве остават со подотворена уста и ќе ви измамат насмевка.

Пробајте нешто ново. Работите кои ги имате подолго време и нештата кои ги правите по 100-ти пат нема ни приближно да ве израдуваат онака како што тоа ќе го направи нешто ново. Наместо вообичаениот тост или сендвич, пригответе си некој мал брз специјалитет. Пијалокот кој секогаш го пиете во кафуле заменете го со (без)алкохолен коктел. Наместо повторно да се запишете на часови по аеробик, одете на јога. Сè што е ново ќе ви биде поинтересно и нема како да останете намуртени.
Купете си нешто ново. Да, шопингот е како терапија за жените. Но, не мора да трошите многу пари за да бидете среќни и задоволни. Купете си мал парфем или миризливи свеќи и новиот мирис ќе ве „опијани“ од среќа. Купете си шарена марама, интересен прстен, нов молив за очи… нема да потрошите многу пари, а задоволството што ќе го почувствувате ќе биде големо.
Одете на кафе со пријателите. Стотици истражувања покажале дека луѓето кои имаат богат друштвен живот се посреќни, а и живеат подолго. Осаменоста раѓа огорченост. Побарајте ги пријателите и уживајте во забавен кафе-муабет.
Потсетете се на вашиот најубав бакнеж. Мммм. Затворете ги очите и одново преживејте го оној магичен бакнеж кој направил нозете да ви затреперат. Веднаш срцето ќе започне побрзо да ви чука и без да сакате ќе се насмевнете.
Никогаш не се споредувајте со другите.

Секој човек е посебна индивидуа, секој е различен, секој има свои позитивни и негативни страни, свои успеси и неуспеси. Споредувањето може да ви донесе завист и љубомора. Вие не сте како другите, па никогаш не се споредувајте со никого.
Подарете нешто креативно. И повторно, не мора да го испразните вашиот џеб за да му дадете подарок на некој што ви значи. Бидете инвентивни. Направете сами ѓердан, изработете кутија за накит, нацртајте нешто. И не велете дека не знаете да цртате. Секоја слика има посебно емотивно значење, посебна енергија. Дури и најглупавиот портрет може да вреди многу повеќе за вас и за оној на којшто ќе му го подарите, отколку слика од познат уметник. Насмевката на неговото лице кога ќе го прими подарокот ќе направи да се чувствувате посебни.
Насмевнете се, иако не ви е до смеење. И тогаш кога ви недостигна нешто што ќе ве расположи, вие насмевнете се. Ќе го измамите мозокот и за кратко време среќата повторно ќе ве посети.

Пуштете си ја омилената музика која ве крева од столче. Музиката може да ви предизвика различни емоции, да ви освежи многу спомени. Прескокнете ги песните што сте ги слушале кога сте раскинале со некого или кога сте мислеле дека цел свет е против вас. Пуштете ја музиката која ви го подига расположението, која ве прави ведри и ви носи пријатни спомени.
Прескокнете ги вестите, гледајте комедија. Еден ден прескокнете ги сите вести, не земајте весник во раката и не учествувајте во разговори за политика. И младите кај нас се преокупирани со политиката, но таквите разговори носат само тензија и нервоза. Наместо вести, изгледајте една епизода од комична ТВ серија или цртан филм со „Том и Џери“ кој сте го обожавале кога сте биле мали.
Направете добро дело. Помогнете ѝ на старата бабичка да ја премине улицата или дајте му пари на човекот кој бара храна во контејнерот за ѓубре. Вие нема да се збогатите ако имате 20-30 денари плус, но нему многу ќе му помогнете. Или пак, ако сте во можност, дарувајте крв. Неверојатно е чувството да знаете дека сте помогнале некому. Ќе бидете горди со тоа, а се разбира и посреќни.

Leave a Reply

Your email address will not be published.