Спознај се себеси, кој си?

Најнапред потребно е она: „спознај се себеси“. Да се запознаеш себеси – кој си. Кој навистина си, а не кој мислиш дека си. Со тоа знаење стануваш најмудар меѓу луѓето. Со таквото сознание доаѓаш до смирение и добиваш благодат од Господа. Во спротивно, ако не стекнеш самопознание, а го мериш само својот труд, знај дека секогаш ќе бидеш далеку од патот. Бидејќи Пророкот не вели: „Види го, Господи, мојот труд“, туку „види го, Господи, моето смирение и мојот труд“. Трудот е за телото, смирението за душата, а пак двете заедно, труд и смирение – за целиот човек.

Кој го победил ѓаволот? Оној што ги спознал своите болест, страсти, недостатоци што ги има. Оној што се плаши да се запознае себеси, тој се наоѓа далеку од знаењето; ништо друго не сака освен да ги гледа грешките на другите и да ги суди. Тој не ги гледа даровите во другите, туку само недостатоците – не ги гледа недостатоците во себе, туку само даровите. Тоа е карактеристичниот недостаток на луѓето од нашето време: што едниот не го препознава дарот на другиот. На еден му недостасува многу, но многуте имаат сè. Тоа што го има едниот го нема другиот. И доколку го препознаваме тоа, тогаш доаѓа големо смирение. Затоа што така се чествува и прославува Бог, Кој на многу начини ги украси луѓето и ги направи сите Свои созданија нееднакви, т.е. различни. А не како што се обидуваат нечестивите да донесат еднаквост, уривајќи го Божјото Создание.

Бог „со премудрост создаде сè“.
Затоа, дете мое, сега кога е почеток погрижи се да се запознаеш добро себеси, за да го поставиш како цврст темел смирението. Погрижи се да научиш послушание, да стекнеш молитва. Затоа прво знај, дете мое, дека секое добро почетокот го има во Бога. Не доаѓа добра помисла што го нема за причина Бога, ниту лукава што го нема за причина ѓаволот. Какво добро и да помислиш, кажеш, направиш – сè е од дарот Божји. „Секој совршен дар е одозгора што слегува“. Сè е од дарот Божји; наше немаме ништо. Значи секој што посакува и бара да добие благодат, да му даде Бог дар, треба најпрво да го запознае добро своето битие, „спознај се себеси“. И тоа е реалната вистина. Зашто секоја работа има почеток. И ако не започнеш добро, нема да имаш добар крај. И почеток и вистина е некој да спознае дека е нула и од ништо е создадено сè. „Рече и се јавија, заповеда и се создадоа“. Рече и постана земјата. И откако зеде земја го создаде човекот. Бездушен, безразумен, еден земјен човек. Тоа, самото твое битие. Тоа сме сите ние. Земја и кал. Тоа е првата лекција за оној што сака да добие благодат, но таа и да остане засекогаш со него. Од тоа се добива сознание и од тоа се раѓа смирение. Не само на зборови, да смиренослови, но потпрен на реалноста ја кажува вистината: земја сум, кал сум. Таа е нашата прва мајка. Таа се гази, и ти како земја должен си да бидеш изгазен. Кал си, немаш никаква вредност. Те фрлаат овде онде, те градат од едно место на друго, те користат како непотребен материјал.

И Создателот „вдахна“ во тебе и ти даде дух животен. И ете, веднаш постана еден разумен човек. Зборуваш, работиш, пишуваш, учиш; постана еден инструмент Божји. Сепак, немој да заборавиш дека твојот корен е земјата. И ако го земе Он духот што ти го даде, ти пак ќе бидеш користен за градење ѕидови.
Затоа „сеќавај се на твојот исход и нема да погрешиш во веки“.

Таа е првата причина, која не само што ја привлекува благодатта, но и ја збогатува и ја држи. Таа го издига умот до првото созерцание на природата. Некој и надвор од тој почеток наоѓа нешто малку, но со тек на време ќе го изгуби. Затоа што не гради на цврста земја, туку се обидува со начини и техники.
Велиш, на пример, грешник сум! Но внатре веруваш дека си праведник. Не можеш да ја избегнеш прелеста. Благодатта сака да остане, но бидејќи практично ја немаш пронајдено вистината, неопходно ќе треба да замине. Зашто несомнено ќе си поверуваш на помислата дека си тоа што не си и бездруго ќе се опрелестиш. Заради тоа не останува благодатта. Бидејќи го имаме противникот, кој е силен техничар, изнаоѓач на зла, и на секоја прелест создател. Тој бдее до нас. Тој од светлина стана темнина и знае сѐ. Тој е непријател на Бога и посакува сите да не направи Негови непријатели. И накрај е дух лукав и лесно се меша со духот што ни го подари Бог и го зема нашето машинче и го движи каде што сака тој. Гледа кон каде клони нашиот душевен апетит и на кој начин Бог го помага и веднаш го мисли и тој истото.

Leave a Reply

Your email address will not be published.