Старец Николај Гурјанов

Со длабока љубов кон Бог и кон Небесната царица еден монах срдечно го молел Бог да му покаже кој на оваа, со грев исполнета земја, живее како еден од светите отци и кој ја исполнува заповедта за љубовта кон Бога и ближниот. По неговата молитва, Небесната царица му дала одговор така што го упатила на островот Залит каде што живее богоносниот старец Николај.
Во визија Мајката Божја му рекла да отиде таму веднаш и да не губи време бидејќи старецот е многу мил на Бога, затоа што е духовно силен и затоа што тој е старец од последните времиња. Исто така, му рекла дека во старецот може да види драгоцена и возвеличена манифестација на нашата вера и љубов кон Бога, што е реткост. Старецот Николај го љуби Бога и својот ближен така што ништо не може да го отргне од неа. Местото каде што тој живее е свето и таму треба да се подигне престол Божји. Мирјаните не треба да работат овде, туку само монасите со чисти и праведни мисли. По Божја волја, старецот набрзо ќе се упокои, а секако на оваа грешна земја и е потребен неговиот свет благослов.




Така, Небесната царица ја откри величината на праведниот и богоносен старец Николај Гурјанов.
Овој старец од својата младост бил избран од Бога да биде сад на Божјата благодат. Старецот кажува за себе дека уште од младоста имал љубов Божја во себе и дека одел во храмот и прислужувал во олтарот, пеел во хорот и одел со свештениците во посета на болните луѓе да служат молебен. Светиот маченик Венјамин, духовен отец на старец Николај, често ја посетувал црквата каде старецот како младич служел. Пред својата маченичка смрт, светиот Венјамин го гушнал и бакнал младиот Николај и му кажал дека е благодарен на Бога, бидејќи Бог е често со него. Потоа околу вратот пророчки му има ставено владички крст кој старецот го има носено како владика се до своето упокојување. Старецот кажува дека од секогаш бил монах кој го бара Господа, бидејќи монаштвото е награда од Бога, Божји повик и голема радост да се служи на небесниот женик!




1926 година, Николај се запишал на педагошки факултет, но бил отпишан бидејќи бил против затворање на еден храм кој се наоѓал во околината. Во 1931 година бил уапсен од страна на комунистите бидејќи служел во Христовата Црква. Бил во затворот „Кресту“ во Ленинград. Осуден е да оди во логор на принудна работа близу Киев каде што поминал седум години. Кога бил ослободен отец Николај работел како наставник по математика во Тосна бидејќи му било забрането да се врати во Ленинград. Иако прогонет, тој ризикувал по цена да го положи својот живот за Црквата и служел како псалт во храмот во Тосна. За време на Втората светска војна поради слабост и болките во нозете од напорната работа во логорот отец Николај не служел војска. Кога германската војска го окупирала неговиот град, тој заедно со своите сограѓани морале да пребегнат кон Балтикот. Таму учел богословија и Митрополитот Сергеј (Воскресениски) го ракоположил за свештеник.
Овој период, сите манастири во татковината на отец Николај биле опустошени, монасите и монахињите убиени или пратени во логорите за таму да завршат со својот живот. Целата Мајка Црква била уништувана од руските атеисти. Било кој знак на религиозност во земјата бил искоренуван, а црковните ерарси, монаси и мирјани биле замолчувани, обично со мачење и смрт. Тоталитаризмот на безбожната власт тежнеел во потпослност да го уништи Православието во Русија. Зачувувањето на Црквата и Нејзината традиција било многу тешко. Додека маченичката крв била пролевана насекаде околу него, отец Николај продолжил да служи како свештеник во Балтичките земји. Изгледа Бог го сочувал него за да им помага на Руската Црква и народ. Во свет каде монасите биле убивани, отец Николај успеал да го сочува строгиот монашки начин на живот. Господ ги собрал сите карактеристики на православен старец во него, а тој ја сакал вистината и поради тоа бил странец во светот. Негови карактеристики биле љубовта, благоста, долготрпението, чистота на срцето и пожртвуваноста. Сите овие карактеристики Бог ги всадил во него. Немал духовно раководство, туку тоа го стекнал од многу одрекувања.




Кога отец Николај наполнил 40 години се вратил во Ленинград да студира богословија. За време на тој период Господ ја повикал душата на отец Николај и тој се упокоил. Неговата душа била земена во рајот, а потоа му бил покажан и пеколот. Додека го гледал пеколот и душите на луѓето како се мачат во него, праведниот отец Николај заплакал со болка и го запрашал Господ како да ги спаси тие души. Потоа старецот го молел Господ да му ја врати душата во тело за да се моли за нив и Господ го вратил во живот. Оваа визија за пеколот секогаш му била на ум и честопати се присетувал дека смртта му е близу. Советуваше да не забораваме дека смртта доаѓа и да бидеме подготвени да ја дочекаме без грев во душата. Пред крајот на својот живот рекол на другите дека одамна бил подготвен за својата смрт и дека е грев да остане уште на земјата бидејќи неговите роднини го чекаат во Рајот, а тоа биле Царот и Царицата, Св. Јован Кронштадски, Иларион Гдовски и неговата мајка.
1958 година, веќе како оформен старец е префрлен во Псков како парохиски свештеник во храмот Свети Никола на островот Залит и тука останува до крајот на својот живот. Целото ова време старецот ја чувал како тајна својата светост и само оние кои добро го познавале можеле тоа понекогаш да го видат.
Кога се распадна советскиот сојуз, старецот можеше да ги прима сите оние кои имаа потреба од неговата помош. За време на овој период Русија повторно беше крстена. Почнале да се отвараат храмовите по селата, а манастирите повторно заживеаја. Црковниот живот почна повторно да цвета, а Крстовите сјаеја по градовите. Црквата прифати многу нови членови и почнаа да се печатат книги за древната Црква и нејзините Тајни. Луѓето беа жедни за Христа, но седумдесет годишната репреисја остави трага. Властите од Советскиот Сојуз ги убиваа владиците, старците, светителите на Руската црква. Заради тоа Бог го сочувал старецот за да биде жив пример за Православието. Тој постанал нов Мојсеј кој го избавил народот од заробеништвото. Тој беше квасец за новиот леб на Руската црква. Островот Залит станал безбеден остров и духовна болница на сите кои што имале потреба од помош. Старецот имаше духовна сила која продираше во сите луѓе, а честопати и во комунистите кои доживувале покајание и стоеле побожно пред Бога. Така старецот помагаше и на мачителите да се покајат и на тој начин го правел истото што го направил и Христос.




Старецот не говореше комплицирано како некои самопрогласени старци, туку едноставно, да може секој да го разбере. Неговите зборови ги допирале срцата на оние кои го слушале. Ги познавал срцата на своите духовни деца, нивното минато, сегашност и иднина, па можел секому да даде духовен совет. Бог му дал дар да може да ја знае внатрешната состојба на луѓето. Така, на некои им зборувал многу директно. Еден човек кој бил суров кон својата сопруга со два збора му рекол да биде по благ со неа. Тие две зборчиња му биле доволни за да разбере што му е речено. Честопати кај него доаѓале луѓе со одредени проблеми, а старецот не само што им ги решавал, туку и им откривал нешто што самите тие не знаеле. Еднаш еден грешник кој што се каел, дошол кај старецот, но од срам не смеел да се приближи, но многу го мачело тоа што грешел. Старецот го согледал тоа и кажал на некој да го повикаат. Кога грешникот придел кај старецот, тој го помазал со масло и со благ глас му кажал дека Божјата милост е со него.Таа страшна состојба на срам и мачење веднаш исчезнала од огромната љубов на старецот. Но, праведниот старец поинаку се однесувал кон оние кои не се каеле и им велел да не доаѓаат веќе.
За старецот ниту времето, ниту местото имале значење. Тој беше во потполна Божја љубов и правел многу чуда во Негово име, а честопати им се јавувал на луѓе кои биле од друга страна на светот кога им била потребна помош. Еден диригент од Чикаго кој бил кај старецот во Русија да бара помош за сопствените проблеми и големите стравови. Неговата сопруга во сообраќајна несреќа го подметнала бебето бидејќи била во блажена состојба. Диригентот мислел дека неговиот брак не е по Божја волја и поради тоа се случила несреќата. Стерецот го утешил и му рекол дека тоа не е така. Утредента диригентот кој бил среќен и се јавил на својата сопруга од Русија. Таа се јавила од Америка и му кажала дека знае се, бидејќи и се појавил старецот додека била во лесен сон, при што се ѝ објаснил со зборови кои биле полни со љубов и подршка. Старецот има направено многу слични чуда и така ги тешел луѓето. Без сомнение, старецот влијаеше на целото Православие во целиот свет, па дури и помислата за него носеше радост во душите.




Неколку денови пред својата смрт рекол дека наскоро ќе одлета во својата Татковина со своите крилја, за кои велел дека се многу силни и дека брзо ќе стигне и ќе се моли за нас. По многуте исцеленија, како на пример има исцелено рак, на слеп да му го поврати видот, на нем му го вратил говорот… Рекол дека Христос е светлост на неговиот живот и дека Христос го исполнува него и се околу него. Исто така кажа дека се има дадено на луѓето Божји и на Мајката Црква и дека е подготвен да го напушти светот и да отиде кај „Преслаткиот Спасител“. Неколку минути пред својата смрт, додека лежел на смртна постела го видел Светиот Архангел Гаврил кој влегол во неговата соба и му донел цвеќе кое ја симболизира чистотата на старецот и неговата светост. Откако го видел тоа старецот рекол дека Архангелот го благословил и го прекрстил со цвеќето. Набрзо старецот се упокоил на 04.04.2002 година.
По облекувањето на телото на старецот за погребение, свештеникот дошол за да му стави крст во раката, а неговата рака сама го зела крстот. По тоа свештеникот се приближил поблиску и ја видел и другата рака отворена, подготвена да го земе и Светото Евангелие. Така, Христос уште тогаш откри дека старецот е светител, на кој поради љубовта кон Христа ниту смртта не му можела ништо. Многу духовни чеда на старецот го виделе сето ова и го чувствувале мирисот на цветот за кој им говорел старецот. Додека некои ја бакнуваа раката на старецот виделе како истекува миро од неа. Така, по смртта старецот останал утешител на човечките души и нивен водич кон Христовата вера.