УТРЕ Е СВ. АРХАНГЕЛ МИХАИЛ: Православните го слават празникот на војводата на сите ангели

Архангел Михаил е водачот на небесните војски кој секогаш се јавувал на местата на кои се појавувала Богородица, така што претставува небесна сила и заштита на земјата. Празникот на Архангел Михаил се нарекува уште и празник на војводата на сите ангели.

Главниот празник на Св. Архангел Михаил се празнува на 8 ноември (Јулијански календар) односно 21 ноември по нов стил. Се вика Собор на свети архангел Михаил. Тој е меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби, меѓу народот попознат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден.

Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.

Тогаш именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…

Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.), Господ го создал духовниот свет ‒ ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма. Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто архангел Михаил е насликан како војвода?

Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.

Тогаш, кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши архангел Михаил ги собрал сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21/8 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј.

Зошто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март, ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *