Чудата на Свети Јован во Бигорски не престануваат

Неколку дена пред главната манастирска слава на Свештената Бигорска Обител, во спомен на Усекновението на чесната глава на нашиот небесен Застапник, Свети Јован Крстител, одлучивме да споделиме со вас уште неколку чуда на овој „небесен човек и ангел во тело“, кои се случија неодамна, како своевидно навестување и покана за неговиот претстоен празник.




Зашто тој, во денот на своето преселување во вечноста, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и преку своите свети мошти што се чуваат во манастирот, ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто со благодарност и со молитви си спомнуваат за неговото чесно страдање. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите вас!




Свети Јован му дарува рожба на бездетен брачен пар по 5 години
„Добра вечер,
Сакам да го споделам нашето чудо, чудо по вашите молитви. Со солзи радосници во очите ви пишувам…




Со сопругот сме заедно 15 години, 5 години во брак; долго време се обидувавме за дете, неуспехот стално водеше до ранливи моменти за душата. Секој месец ново разочарување. Во истиот момент само мисли ми поминуваа низ глава: ‘сакам во Бигорски да одам…’.
Се спремавме за второ ин витро. Случајно, пред да го започнеме процесот, имавме гости кои додека беа кај нас, добија повик (повик од Бигорски, беа повикани да отидат утредента, за да добијат благослов од отец Партениј за свадба). Откако завршија со повикот само ме погледнаа и рекоа утре доаѓате со нас! Не знам дали ја преспав ноќта, рано наутро со нетрпение тргнавме, стигнавме во манастирот, и двајцата треперевме, имавме некое чувство што не се опишува.
Нè прашаа дали сакаме молитва пред чудотворната икона. Дали сакаме?! Едвај чекавме. Со благослов од Старецот на Манастирот, владиката Партениј, еден од отците со молитва пред иконата на Св. Јован само ја засили нашата надеж.




Почна постапката со иста терапија од првото ин витро, со која добив 9 јајце клетки, сега имаше само 3, за на крај да останат 2. Позитивната мисла ме водеше, светото масло беше деноноќно во моите раце (и сеуште е).
Беше 7 април, Благовештение на Пресвета Богородица. Тогаш ја добив најубавата вест: носам нов живот во мене, уште едно срценце чука во мене.
Го добивме нашиот син. Чудото се вика Огнен.
На нашата среќа ѝ нема крај, секој ден Му благодарам на Господ и на неговиот Крстител.




Желбата е исполнета, срцето полно.
Бигорски со неговото монаштво за нас е нешто посебно.
Ве поздравувам и со душа чекаме топли денови да ве посетиме!