Чудо на Свети Спиридон во храмот во Каристос, Грција 1930 г.

Празникот на свети Спиридон особено свечено се слави од страна на Вистинските Православни Христијани, бидејќи на тој ден новокалендарците го слават римо-католичкиот Божиќ.

Во Грција на овој ден често може да се видат литии од народот кои по улиците на селата и градовите ја носат иконата на свети Спиридон за да им покажат на новокалендарците дека тој ден според православниот календар не се слави Божиќ. Пред нас е сведоштвото за едно чудо на свети Спиридон кое многу новокалендарци преобрати во Вистински Православни Христијани.
За чудото на свети Спиридон, во 1976 г., раскажуваше старица Зиновија Сидери (доживеа 102 години), една од многуте сведоци кои присуствувале на тоа случување, а за кое во свое време пишуваше и атинското списание „Скрип“. Еве што раскажа старица Зиновија:

„Беше празникот Рождество Христово според новиот римокатолички календар. Јас тогаш сеуште не бев преминала кај старокалендарците. Дојдов на сеноќно бдение во храмот Свети Николај. Храмот беше преполн со народ. Стоев на левата страна покрај еден столб.

Над мене на тој столб висеше иконата на Свети Спиридон, дар од Антониј Лумидис од Пиреја. Иконата беше украсена со цвеќе, кое остана уште од празнувањето на светителот според новиот календар.

Кога свештеникот кој што служеше литургија, отец Сила, по малиот вход почна да кади и да го пее тропарот на Божиќ „Рождество Твоје Христе Боже наш…“, иконата на свети Спиридон наеднаш почна да се удира од столбот толку силно што сето цвеќе кое што беше на неа испопаѓа на земјата. Народот гледајќи го ова чудо се ужасна.

Свештеникот и псалтите престанаа со пеењето. Тогаш некој од народот повика: „Денес според јулијанскиот црковен календар е празникот на свети Спиридон. Пеејте го неговиот тропар!“ Певците и свештениците „занемеа“. Во тој миг верниот народ почна да пее:

„Собора перваго показалсја јеси поборник и чудотворец, Богоносне Спиридоне, отче наш…“ (тропарот на светителот). И дури за време на пеењето на тропарот на светителот, неговата икона пополека почна да се смирува за на крајот целосно да престане да удира на столбот.“

Следниот ден, весникот „Карестини“ објави соопштение за тоа чудно случување. Сите жители на Каристос и околината говореа за тоа и признаваа дека старокалендарците се во право.
Подоцна, на 29 декември, весникот „Карестини“ објави: „…Наредниот ден иконата не беше на своето место. Многумина мислат дека намерно е тргната за да не се продолжи дискусијата за проблемот околу календарот, за кое правовремено почнаа да дебатираат верниците, од кои повеќето се вратија назад кај старокалендарците.

И така јавноста на Каристос правдољубиво негодува и мисли дека некој злобно си подигрува со религиозните чувства и светите икони, бидејќи до сега иконата не е вратена на своето место, иако инстистираат сите жители“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *