Оваа мора да го пробате, брзо се приготвува а уште побразо се јаде – Шакшука

Шакшука станува многу популарен рецепт во последно време, а има и зошто. Лесно се приготвува, вкусно е и здраво. Постојат многу рецепти и варијации што ќе ги најдете на Интернет и секако вие може да си го адаптирате рецептот на свој начин, меѓутоа во оваа прилика ви го споделувам рецептот за класична, типична шакшука што верувам дека на секој ќе му се допадне.




Состојки:
5 јајца
2 црвени бабури
1 кромид, средна големина
2 чешниња лук




1 конзерва црвен домат, по можност исецкан на парчиња
1 лажичка кимион (зачин)
2 лажички црвена пиперка во прав
1 лажичка сол
1/2 лажичка црвен бибер
неколку гранчиња магдонос, исецкани на ситно
масло, за готвење
Начин на подготовка:




Во големо и длабоко тавче за пржење се додава масло за готвење (јас користев маслиново масло, но било кое масло може) и на средна температура се остава малку да се загрее
Во меѓувреме кромидот и бабурите се сецкаат на мали коцки, а лукчето се сецка на колку што е можно поситно.




Се додаваат исецканиот кромид и бабурите во тавата за пржење и се остава да се пропржат неколку минути се додека кромидот не добие транспарентна боја (околу 5 мин)
Се додаваат сите зачини и исецканото лукче во тавата, се промешува и се остава да се пржи дополнителни 2-3 минути за лукчето и зачините да пуштат арома и вкус
Се додава конзервата со црвен домат и се промешува за да се соедини со останатите состојки. Се пржи дополнителни 5-6 минути и се промешува повремено




Се намалува температурата, за да се смири вриењето на манџата и со лажица се прават 5 вдлабнатини. Овој чекор ќе помогне за јајцата да пропаднат во манџата наместо да се разлеат само на површината
Се кршат и се додаваат 5те јајца во направените вдлабнатини и се поклопува со капак за да се приготват без да загори манџата. Околу 5-8 минути во зависност од тоа колку пржени ги сакате јајцата
Се трга тавата од оган и се додава исецканиот магдонос одозгора
Сервирајте топло или чувајте во ладилник до 5-6 дена во затворен сад.