Љубете го својот ближен

Влезете во некоја психијатриска болница за да видите колку многу човечки души страдаат. Ние, пак, кои сме „здрави“ сме повикани да не ги забораваме овие луѓе! Тие не би требало да бидат изоставени од нашите молитви и од нашата грижа. Да Го молиме Бога да испраќа трпение, олеснување, да дава исцеление. Треба да ги земеме на себе страдањата на нашиот ближен. Ако не правиме така, значи немаме љубов! Ако заборавиме на нив, надвор сме од Божјата љубов! Господ им дава испитанија за да ги прими во Своето Царство, но од нас бара да им покажеме сострадалност. Тоа што се затворени таму не значи дека треба и ние да ги напуштиме! Бидејќи и ние исто така би можеле да се најдеме таму еден ден.

Да помислиме и на сите оние луѓе кои лежат во смртна агонија! Нивните животи се ставени на суд, нивната совест ги испитува до крајност и си велат: „Што ќе биде со нас?“ Оваа болка, оваа агонија треба да стане наша! И тогаш Господ, Кој ги испитува срцата и утробите, ќе ја препознае оваа љубов, ќе ја запомни и ќе ни возврати за неа! Не само што ќе ни одговори и ќе ни ја возврати во идниот живот, туку и во овој, оти ќе дојде време кога и самите ќе се најдеме во истата тешка ситуација… И Он ќе ни помогне, ќе ги просветли другите да се молат за нас, исто како што ние сме се молеле за нашите ближни во невоља.

Што сме сееле, тоа ќе си жнееме! Земјоделецот што сее семе, ќе пожнее жито, но ако сее коров, ќе пожнее трње! Земјата му го дава она што во вид на семе го посеал во неа! А колку повеќе, пак, ќе ни даде нам Господ, живиот Бог Кој ги познава срцата и ги знае човечките тајни. Затоа да ги отвориме очите на душата за да ја видиме вистината! Ова е вистината! Да не се мамиме себеси. Ако се држиме до вистината, нема од што да се плашиме. Кога Пилат Го праша Христа: „Кој си Ти?“, и меѓу другото додаде: „Имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам“ (Јован 19,10). А Христос му одговори: „Немаше да имаш власт над Мене ако не ти беше дадена одозгора (Јован 19,11). „Дојдов во светот за да сведочам за вистината“ (Јован 18,37). А Пилат праша: „Што е тоа вистина?“, и си замина. Зошто? Бидејќи не беше достоен да слушне Кој е Вистината. Бидејќи за да ја знаеш Вистината (Христа), треба да се удостоиш. И „вистината ќе ве ослободи“(Јован 8,32), од лагите и измамите на пеколот. Така, кога ќе се отворат очите на душата, човекот ја гледа вистината. А што е вистината? Она што го кажавме: дека треба сострадално да го љубиме нашиот ближен. Без присила, без микроби и паразити, (значи чиста љубов), без лични интереси!

Денес, повеќе од било кога, на човештвото му е потребна вистината и љубовта, што можат да се најдат само во Христијанството, Православието. Не љубиме како што би требало! Да љубевме како што треба, тоа ќе се видеше во нашите дела. Нашите дела покажуваат каков ни е животот, какви ни се мислите. Затоа во нашето секојдневие, ние христијаните треба да имаме и еден скриен духовен живот (дела), во кој не треба да изостанува еден многу суштински елемент – несебичната и искрена љубов кон нашите собраќа. Не само кон живите, туку и кон оние кои заспале со вечен сон. И болката на болните и безнадежните, болката на оние што паднале под Божји суд, треба да ја направиме и наша болка. А кога ќе стане наша болка, Господ ќе нè исцели. Закрилете ги другите, за Господ да ве закрили вас, трпеливо поднесувајте ги неправдите, и не правете им неправда на другите. Победете го злото со добро. Тоа е Законот на Евангелието.

Leave a Reply

Your email address will not be published.